Ангелов: Снегот нема да нè изненади

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов изминативе денови одржа координативен состанок со надлежни институции за превентивна подготвеност на терен во зимскиот постуден период.

Тој нагласи дека снегот оваа сезона нема да нè изненади. 

Оваа фраза често се користи речиси секоја сезона во однос на расчистувањето на патиштата низ земјава кога ќе падне првиот снег. 

На координативниот состанок во Центарот за управување со кризи присуствуваа 11 институции од Системот за управување со кризи заради зголемување и подобрување на меѓусебната комуникација, координација и соработка во претстојниот период.

-Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта (Македонија пат) презема обврска на критичните места во државата на терен, да ги распореди техничките и кадровските капацитети со коишто располага, за се оствари подготвеност за дејствување на патиштата при снежни врнежи, со потсетување и апел за граѓаните дека снегот со механизацијата не се чисти додека паѓа, туку дека се чисти откако ќе престане со ресурсите со коишто се располага. Секојдневно возилата се доопремуваат за да дејствуваат на критичните места, набавени се доволни количини сол и ризла, како и други ресурси за непречено дејствување со возилата во зимски услови - информираат од ЦУК.

И стоковите резерви од Црвениот крст ќе бидат ставени на располагање, а домовите за бездомници се отворени, за сега со одредено работно време, а при екстремни зимски услови со ниски температури, тогаш тие пунктови ќе бидат отворени 24 часа. Ќе биде обезбедена  и лекарска посета и снабдување на жители во оддалечените планински села. Истовремено, информираа од Црвениот крст дека заедно со другите институции ќе дејствуваат и за едукација, подготвеност - подигање на јавната свест за превенција од кризни ситуации, соопштија од ЦУК.