
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов денеска информираше дека ситуацијата со пожарите на отворен простор на ниво на државата е сè уште алармантна.
Во текот на вчерашниот ден имало повеќе од 41 пожар на отворен простор, но слабите врнежи кои што паднаа во делови од државата сосема малку ја олесниле работата на пожарникарите, доброволците кои го гаснат огнот од земја.
-Во текот на ноќта, од косовска страна во Македонија навлезе тежок пожар, кој што моментално се движи во атарот на село Грачани, кој што има голема огнена линија -долга повеќе од пет километри. На лице место се скопските пожарникари со поддршка на огнените тимови на Дирекцијата за заштита и спасување и сите се обидуваат да воспостават делумна контрола врз овој пожар, да не дојде до загрозување на околните села. Таквата опасност засега се исклучува, но мирисот од пожарот може да се почувствува во делови од Скопје - изјави Ангелов.
Тој посочи дека повторно има појава на огнени точки на планината Китка од страната на градот Скопје, на територијата на општина Студеничан и тоа во атарот на село Количани, каде што има појава на нов пожар, и во атарот на село Цветово, кое што е во ниските делови, не е на Китка, но е на територијата на општина Студеничани.