Ангелов: Имаме премногу пожари, силите се преморени

Повеќе од 20 пожари на отворен простор се регистрирани денеска, а голем дел од нив сè уште се активни.

​​​​​​​

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, ја оцени состојбата како алармантна и упати апел до граѓаните да бидат особено внимателни.

„Имаме премногу пожари, нашите сили се преморени, работат пожртвувано и даваат сè од себе“, рече Ангелов, посочувајќи дека пожарникарите и останатите ангажирани екипи имаат полни раце работа.

Меѓу пожарите што и натаму бараат ангажман е и огнот кој од косовска територија премина на македонска страна, над селото Грачани. Според Ангелов, пожарот е сопрен во делот кон селото Никиштане, кое е обезбедено, додека огнената линија продолжува кон магистралниот пат и реката Лепенец, во правец на косовската граница.

Најголемиот дел од пожарната линија се наоѓа на косовска страна, додека дел од огнот е на македонска територија. Ангелов предупреди дека при засилување на северозападниот ветер, чадот повторно може да биде почувствуван во околните населени места.

Сепак, состојбата денес е подобра во споредба со претходните два дена. Очекувањата на Ангелов се до вечерта да биде воспоставена целосна контрола врз овој комплексен пожар. Во текот на денот во неговото гаснење биле ангажирани ер-трактори и полициски хеликоптер.

На Скопска Црна Гора, кај Рамно, исто така има активен пожар. Ангелов информираше дека огнот на ова подрачје се појавува повеќепати, поради што постои сомнеж дека некој намерно го потпалува.

Од Дирекцијата за заштита и спасување повторно апелираат до граѓаните да не преземаат активности кои можат да предизвикаат пожар, особено во услови кога противпожарните сили се соочуваат со голем број истовремени интервенции.