Ангелов: ЦУК била користена за вработување на партиски кадри, 70 отсто од раководителите се лингвисти или педагози

Директорот на Центарот за управување со кризи за Радио Слободна Европа вели вели дека таа институција била користена за вработување на партиски кадри. Според него 70 отсто од раководителите имаат завршено македонски јазик или педагошка кадемија. Тој посочува дека голем дел од вработените се неупотребливи.

„Ние во Центарот за управување со кризи работиме на чкрги. И овде јас работам со десетина луѓе, сите операции, покривам по една област со по еден човек, не дај Боже, некој да се разболи, имам незаменливи луѓе, а добар дел од луѓето се апсолютно неупотребливи, односно по некој пат ставаме во функција некој вработен - ќе ни направи дополнителна штета и потоа треба двајца да ја поправат таа штета. Оваа институција била користена за вработување на партиски кадри, дел од нив кои што не можеле да ги сместат на друго место.

Има добри кадри кои што се преминати од Македонската армија, но, за жал полека заминуваат во пензија. Има една група од воена Академија која што за нивна несреќа завршила директно во ЦУК, ги најдов малтене во подрум, затоа што беа на најниските почетни позиции. Ги унапредив сите, сите до еден ги ставив во функција. И уште неколку квалитетни луѓе. Ако овде направиме анализа на раководителите, повеќе од 51% имат завршено македонски јазик или Педагошка академија. Но, се плашам дека 70% од раководителите имат македонски јазик и педагошка академија. Кога некој се одлучил да студира македонски јазик или албански јазик или педагошка академија, тој имал голема желба да биде јазичар. И во меѓувреме сфатил дека тој сака да работи кризен менаџмент и наеднаш станува експерт за кризен менеџмент. Па тогаш, зашто постои Воена академија?“ вели Ангелов