Андреа со песната „Circles“ оди во Торино на Евровизија

„CIRCLES” во изведба на Андреа Коевска е композицијата која ќе ја претставува Република Северна Македонија на годинашното издание на најпрестижната европска музичка манифестација „Евросонг“.

Автор на музиката и аранжманот на „CIRCLES” е Александар Масевски, додека, текстот е пишуван заедно со Андреа Коевска.

Откако изминатите седум години претставникот беше избиран интерно, Македонската радио телевизија – МРТ, која е организатор на Националниот избор, одлучи да го врати натпреварувачкиот карактер на изборот со што ја вклучи и публиката и ѝ даде можност за онлајн гласање.

Победникот на  Националниот избор за песна на Евровизија што во мај ќе се одржи во Торино, Италија, беше добиен по пат на онлајн гласање, како и според гласањето на меѓународното стручно жири во сооднос 50:50.

Во националниот избор за песна за „Евросонг 2022“ учествуваа и Калина Велковска – Кaly со „LOVE AND LIGHT“, Јон Ајдини – Yon Idy, со „DREAMS”, Лара Иванова со „FLOWER OF SORROW, Виктор Апостоловски со „SUPERMAN“ и Борис Цветановски – Ris Flower, со „FLYING TO BERLIN”.

Северна Македонија на 66-то издание на „Евросонг“ ќе настапи во второто полуфинале на 12-ти мај, а финалето е закажано за 14-ти мај. Манифестацијата ќе се одржи во арената „Пала Олимпико“ во Торино, откако минатата година првото место го освои италијанскиот рок-бенд „Манескин“.