Андре Риу пристигна во Скопје

Македонската публика вечерва, 6 јуни, со почеток во 20 часот, во Вип Арената „Борис Трајковски“ во Скопје, ќе има ексклузивна можност да биде дел од концертот на светската музичка ѕвезда Андре Риу.

Мегапопуларниот диригент и виртуоз на виолина, Андре Риу ширум светот прославуван како современиот „Крал на валцерот“ заедно со својот 60-член Оркестар „Јохан Штраус“ и уште 20-тина гости музичари кои ќе го придружуваат на сцената, но и тим составен од повеќе од 50 професионалци кои се грижат за продукцијата и техничката реализација на концертот, веќе пристигнаа во Скопје за неговиот премиерен настап во Македонија.

„Андре Риу пристигнува во Скопје со целосна сопствена продукција, 9 шлепери со опрема, комплетна костимографија и сценографија, речиси 80 музичари на сцена и повеќе од 50 луѓе задолжени за техничката реализација. Овие бројки само ја потврдуваат големината на овој музички уметник и пред нас е несомнено концертен спектакл каков што досега не сме имале прилика да погледнеме во Македонија“, велат од „Пасворд продукција“.

Несомнено еден од најпопуларните интернационални музичари на нашето време е секогаш синоним за вистински концертен спекткл. Андре Риу секаде ширум светот настапува пред 600,000 публика годишно, надминувајќи ги дури и супер-ѕвездите како Бруно Марс, Еј-Си/Ди-Си или Риана. А концертите на Андре Риу се огномет од емоции. На речиси 100 концерти годишно, Риу гарантира совршена забава со светски познатите, романтични мелодии, како и со бројни изненадувања, хумор и првокласни интернационални солисти.

Заедно со неговиот оркестар, најголемиот приватен оркестар на светот, харизматичниот Холанѓанец речиси 30 години го обиколува светот и вечерва, за прв пат пристигнува и кај нас, со концерт во организација на „Пасворд Продакшн“.

Влезот за посетителите ќе биде отворен во 18:30 часот.