Андоновски: Во светот ќе се вложат 7 трилиони долари за 6 години за дата центри, само кај нас се креира отпор

Заради потребите на светот за податоци околу 7 трилиони долари ќе се вложуваат наредните шест до 10 години во изградба на дата центри во светот. 0,01 процнет да успееме да донесеме од тоа во регионот, не само во Македонија, тоа ќе биде огромен напредок и затоа, и државите од регионот работат на вакви проекти, вели во интервју за МИА министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

Дигитализацијата, според Андоновски, треба да биде алатка, а Македонија со инвестиции во државна дигитална инфраструктура, поголеми дигитални услуги за граѓаните и за компаниите, и секако силни инвестиции во приватната дигитална инфраструктура може во следните години да се позиционира како технолошки хаб на Балканот.

Плановите на Владата е привлекување ваков вид инвестиции и претседателот на Владата кажа, дека имаме неколку со кои што сме во еден вид на преговори, разговори, за да видиме, вели Андоновски, кој модел нам најмногу ни одговара, но и за кој модел се заинтересирани светските инвеститори.

„Ние не сме држава која што е најатрактивна во светот за вакви инвестиции. Има многу држави во коишто се инвестираат. Во Европската Унија е трка по инвеститори во дата центри, најавени се околу 7 трилиони долари инвестиции во наредните 5 до 6 години во дата центри заради потребите на светот за податоци и впрочем во таа борба вие се борите за инвестиција повеќе затоа што тоа значи капитал повеќе во државата, дециден е Андоновски кој наведува дека сите држави коишто сакаат да напредуваат изминатиов период, веќе активно работат на привлекување на ваквиот вид инвестиции, затоа што ова е чиста индустрија“, вели министерот за дигитална трансформација.

Тој открива дека Министерството работи на повеќе проекти од кои од особено значење е Националниот дата центар и оптичка инфраструктура. За националниот дата центар изработена е физибилити студијата за негова изградба, и во моментов се разгледуваат локации кои што ќе бидат во индустриски зони, во индустриски капацитети, најверојатно во близина на гравниот град.

„Мислам дека ќе бидат во близината на Скопје. Имаме добра инфраструктурна поставеност на националниот дата центар и се наоаѓа, што е многу важно, на различна тектонска плоча од Прилеп, што значи поврзаноста помеѓу Скопје и Прилеп ќе биде во живо, а ќе бидат одделени физички. И третиот проект ни е изградба на инфраструктура, владина оптичка помеѓу сите овие државни институции, односно дата центарот, националниот, секундарниот во Прилеп, и клучните државни институции кои што мора да имаат некаква инфраструктура во Скопје“, вели тој.

Андоновски посочува дека дата центрите претставуваат „чиста индустрија“ која не само што носи нови инвестиции, туку создава и добро платени работни места за инженери од областа на клауд технологиите, мрежите и сајбер-безбедноста.

„Ние разговараме за потрошувачка на електрична енергија која еднакво ја трошат и конвенционалните производствени капацитети во моментот којшто ги имаме во Македонија, дали е производство на автоделови, дали е автоматизирано производство на други делови, дали се производство на храна, на конфекција, на текстил и т.н. сите овие трошат некој вид на енергија, најчесто електрична енергија. Исто така, трошат и дата центрите“, вели Андоновкси.

Размислувањето, според Андоновски, треба да биде и од аспект на привлекување на знаења, вештини, на високо платени работни места кај македонските инженери, кај носење на еко систем кој што освен дата центар носи заедно други сродни дејности и носење на висока технологија.

Андоновски, нагласува дека не слушнал за пример во кој што некоја приватна компанија гаси или затвора определен дата центар во една држава, а го отвара во некоја друга држава, затоа што, како што посочува „станува збор за чиста индустрија која што целосно не загадува“.

„Луѓето кои работат во дата центрите се клауд инженери, се инженери на мрежи, сајбер безбедност, мониторинг, техничари, зборуваме за плата која што далеку, далеку ги надминува платите на сегашните инженери во државата. И ако сакате да зборуваме и за диверзификација на индустријата, затоа што кај нас фокусот на нашата индустрија е претежно на автомобилската. Таа гледаме дека се соочува со предизвици во ЕУ, мора да понудиме како држава алтернативи и диверзификација на индустријата“, појаснува Андоновски.

Дигитализацијата, според Андоновски, треба да ни биде алатка, а Македонија со инвестиции во државна дигитална инфраструктура, поголеми дигитални услуги за граѓаните и за компаниите, и секако силни инвестиции во приватната дигитална инфраструктура може во следните години да се позиционира како технолошки хаб на Балканот.

„Се надевам  дека овие три склопа, државни инвестиции, услуги за граѓани, компании и приватни инвестиции, ќе направат да бидеме држава со која што можеме да се гордееме во дигиталната сфера“, порачува Андоновски.

Андоновски вели дека државата во моментов функционира со десетици помали серверски соби и мали дата центри низ институциите, и нагласува дека треба да се стремиме кон еден компактен Национален дата центар каде податоците на граѓаните ќе бидат на едно место, како и за дополнително искористување на потенцијалот на овој објект за употреба на вештачка интелигенција во државниот сектор и за граѓаните.

„Ние мораме да имаме една институција која што се грижи за податоците, и за системите на кои што тие податоци се сместени, а на тој начин се оптимизира и потрушувачката на струја, и потрушувачката на вода, на други ресурси“, нагласува Андоновски.