Анализа: Живот под кирија или купување сопствен дом?

Постојат огромен број на предности и недостатоци кога размислувате дали да изнајмите живеалиште или да купите сопствен дом. На пример, помладите брачни парови потешко се одлучуваат за купување на стан, преферирајќи да живеат под наем додека фамилијата не се прошири и да биде неопходно да се одлучат за купување на сопствен дом. Друга причина поради која луѓето би се одлучиле за наем наместо купување на стан е фактот дека поседувањето на сопствен стан повлекува големи трошоци и плаќање на кредити. Во секој случај финансиите со кои располагате играат клучна улога при донесувањето на одлука дали да живеете под наем или да купите сопствен дом.

Во продолжение претставуваме неколку совети кои ќе ви помогнат да одлучите кое решение е вистинското за вас.

Наем наспроти Купување

Зошто наем ?

Изнајмувањето на стан ве "ослободува" од обврските кои произлегуваат во случај да сте сопственик на стан, како на пример одржување на зградата, надоградби и реновирања на живеалиштето. Сето тоа не е ваша грижа.

Изнајмувањето значи дека сте во состојба да поставите фиксни трошоци на месечно ниво, односно можете да го испланирате вашиот буџет и да не се најдете во ситуација кога би биле изненадени од скапи итни поправки или значајно зголемување на трошоците заради разни даноци.

Лицата кои живеат под наем се обврзани да ги почитуваат правилата кои се поставени од страна на сопственикот, но некогаш токму овие правила можат да направат и проблем во самиот тек на преговорите. Често се случува сопственикот да забрани да се чуваат домашни миленици во домот или да ја ограничува вашата приватност со тоа што често ви реагира дека сте бучни и дека вашите гости остануваат до доцна. Ова е почесто случај кога сопственикот на објектот кој се издава под наем живее во истата зграда или куќа.

​Зошто да купите сопствен дом ?

Поседувајќи сопствен дом, вие на некој начин поседувате дополнителна вредност односно сигурност во вашиот живот. Исто така, кредитниот рејтинг ви се подобрува доколку сте сопственик на сопствен стан или куќа. Новите станбени и хипотекарни кредити со фиксна каматна стапка, бараат планирање на вашите месечни давачки по основ на кредит на подолг временски период. Просторот кој ви е на располагање во сопствен дом, дефинитивно е многу поголем отколку просторот во изнајмени живеалишта. Со тоа имате повеќе простор за вас, поголема дискреција или наречете го тоа едноставно - поголема комоција.

Одлуката да инвестирате во купување на сопствен дом, претставува една од најголемите финансиски инвестиции кои некогаш ќе ги направите, а воедно ви дава дополнителна моќ и возбуда. Дури 80% од потрошувачите сметаат дека купувањето на сопствен дом претставува добра финансиска одлука, но сепак, не е едноставно да донесете одлука кога да го направите овој значителен чекор напред во вашата кариера и живот. Изборот да станете сопственик на стан или куќа не претставува само финансиска обврска, воедно значи и емоционална зрелост да создадете план и финансиска рамка која одговара на вашиот животен стил и буџет.

Продложува на следната страна...

Фактори кои влијаат на одлуката дали да изнајмувате живеалиште или да купите сопствен дом:

1. Како да направите издржлива споредба на трошоците и исплатливоста помеѓу купување и изнајмување на живеалиште ?

Лесно можете да направите споредба на цените за изнајмување на станови. Но, кога ги анализирате трошоците за купување на сопствен дом потребно е да ги вклучите главнината и каматата за отплата на станбениот/хипотекарен кредит, осигурувањето на имотот, данокот на имот и отанати помали трошоци кои произлегуваат од сопственоста над станот. Понекогаш се случува пресметките да покажат дека е поскапа месечната кирија за наем, отколку да купите нов стан - особено кога каматните стапки за отплата на кредитот се ниски. При анализата размислувајте долгорочно, дека се стекнувате со ваш личен имот и го зголемувате капиталот кои го поседувате откако ќе ги исплатите обврските по основ на кредитот. Анкета на FED од 2010 година покажува дека лицата кои поседуваат сопствен дом имаат 30 пати поголема нето вредност во општеството, во однос на оние кои не поседуваат сопствен дом.

2. Дали сте емоционално зрели да купите сопствен дом ?

Една од придобивките на изнајмувањето стан е во тоа што најчесто се прави договор за закуп на стан не подолг од една година. Кога купувате сопствен дом морате да ги планирате вашите трошоци и финансии на подолг рок. Купувањето на сопствен дом, неопходно со себе повлекува и други одлуки (избор на соседството и дом - каде што сакате да живеете) дури и откако ќе се надоместат трошоците за купување на сопствен дом.

3. Дали веќе имате изработено долгорочен план ?

Ако немате претстава што би можело да ви се случи во наредните 10 години или ако вашите планови се да менувате работни места или да се преселите од државата, во тој случај дефинитивно изборот за наем е подобар за вас. Од друга страна, ако имате во план да основате фамилија, земете предвид дека неопходно е да размислувате за сопствен дом и да го креирате вашиот буџет во таа насока.

4. Дали сте подготвени да водите грижа за сопствениот дом ?

Сопствениот дом носи радост и желба за уредување со цел да се задоволат вашите потреби, но освен уредувањето секој нов дом носи и непланирани трошоци за поправки кои морате да ги испланирате кога го изработувате вашиот годишен план. Без разлика дали ќе "изигравате" мајстори или ќе биде потребно да ангажирате изведувачи, повеќе од неопходно е да бидете подготвени за времето и трошоците за одржување на вашиот имот, со цел да се задржи вредноста на имотот и да избегнете скапи поправки во иднина.

5. Поседувате ли некаква заштеда ?

Иако постојат различни типови на кредит, веќе започнувајќи со фиксна каматна стапка од 2,90% за првите неколку години од отплатата на кредитот, преку кои лесно можете да дојдете до посакуваните средства за купување на сопствен дом, сепак, неопходно е да имате и кеш пари како учество, за плаќање на обврските по основ на кредитот или за непланирани итни случаи.

6. Каква е вашата кредитна способност ?

Многу битно прашање е вашата кредитна способност. Банките во Македонија при аплицирање за кредит прават анализа на вашите приходи, вашата задолженост со цел да ја утврдат вашата финансиска способност редовно да ги сервисирате обврските по основ на кредит. Проблеми кои можат да се појават во процесот на аплицирање за кредит се: нередовно плаќање на обврски кон банки, преголема задолженост, итн.

Доколку живеете под наем треба да сте свесни дека немате контрола над вашето станбено прашање. Ако сопственикот одлучи да го продаде имотот, вие ќе бидете приморани да барате нов дом. Сопственикот исто така може да ја зголеми месечната рента, па во случај да не се согласите да ја платите новата цена, да не е заинтересиран за понатамошна соработка. Или што е најлошо, сопственикот да не сака во иднина вие да живеете во неговиот стан.

Една од најголемите предности ако имате сопствен дом е можноста да правите буквално се што сакате. Ако вашите деца посакаат да ги офарбате ѕидовите од собата во некоја боја, можете да го направите тоа без да се консултирате со никој или без никој да ви замери.

Дали сте подготвени да си одговорите на прашањето "Живеење под наем или сопствен дом?"

Извор: Банкарство.мк