Анализата за активноста на градоначалниците на социјалните мрежи покажува дека Општина Карпош и градоначалникот Стефан Богоев, во изминатата 2018 година биле единствените кои биле активни на сите online платформи.

Ова подразбира дека локалната самоуправа и градоначалникот Богоев за своите активности постојано ги информирале граѓаните преку социјалните мрежи: Facebook, Twitter и Instagram, како и преку официјалната веб страна и e – mail адреси.

Исто така, тоа што Карпош и нејзиниот градоначалник ги прави поразлични од другите е двонасочната комуникација со граѓаните, која постојано се унапредува. Граѓаните, корисниците на социјалните мрежи на брз и едноставен начин можат да добијат одговор на поставено прашање или проблем кои ги засега, директно од градоначалникот или од ПР Одделението при Општината.

Анализата за активноста на градоначалниците на социјалните мрежи ги опфати сите општини, 81 на број, а е спроведена од Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми, во периодот од 15 до 30 декември 2018 година.

Меѓудругото, Анализата покажува дека 79 од вкупно 81 градоначалник се активни на Facebook. Само 7 градоначалници се присутни на социјалната мрежа Twitter, а Инстаграм го користат 26 градоначалници.

Општина Карпош и градоначалникот Богоев ќе продолжат да негуваат отворена и транспарантна комуникација со сите засегнати страни. Во овие моменти, локалната самоуправа работи и на подготовка на нова веб страна која дополнително ќе ја олесни комуникацијата на карпошани со локалната власт.