Анализа: Кои населби се најатрактивни за купување на стан во Скопје?

Средната големина на становите, бројот на собите, атрактивноста на локациите за градење, вредноста на станбениот квадрат и предностите на населбата во која се наоѓа станот се некои од најзначајните податоци кои можат да ви помогнат при купувањето на нов дом од соништата во македонската метропола.

Во поглед на големината на становите, инвеститорите во недвижности во изминативе пет години биле насочени првенствено кон изградба на двособни и трисобни станови. 

Според последните статистички податоци, во октомври 2017 година се издадени вкупно 400 одобренија за градење, што претставува зголемување од 37,5 отсто споредено со октомври 2016 година. Во однос на претходниот месец, кога биле издадени 222 одобренија за градење, бројот на издадени одобренија за градење бележи пораст од 80,2 отсто.

Предвидената вредност на објектите според издадените одобренија за градење во октомври 2017 година во однос на истиот месец од 2016 година се зголемила за 41,3 отсто. Во однос на септември 2017 година, вредноста на објектите пораснала за 11,6 отсто. Анализирано по видови објекти, од вкупниот број издадени одобренија за градење, 245 (или 61,3 отсто) се наменети за објекти од високоградба, 38 (или 9,5 отсто) за објекти од нискоградба и 117 (или 29,2 отсто) за објекти за реконструкција. Анализирано по типови инвеститори, од вкупно 400 издадени одобренија за градба, на 282 објекти (или 70,5 отсто) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 118 објекти (или 29,5 отсто) инвеститори се деловни субјекти. Во октомври 2017 година е предвидена изградба на 929 стана, со вкупна корисна површина од 74.963 квадрати . Бројот на предвидени станови за изградба во однос на претходниот месец е зголемен за 39,7 отсто, а на годишна основа за 37,6 отсто.

- Вредноста на извршени градежни работи во индивидуална сопственост во 2016 година е зголемена за 22,2 отсто во однос на претходната година. Од вкупно изградените станови во 2016 година, најмногу биле изградени трисобни станови (33,3 отсто), а најмалку гарсониери и пет и повеќесобни (10,2 отсто). Речиси секој четврти стан што е изграден во 2016 година е двособен. Во 2016 година бројот на завршени станови е за 16,9 отсто поголем во однос на претходната година. Просечната корисна површина на завршените станови е 83,9 квадратни метри - информираат во ДЗС. 

Трендови на пораст во градежништвото имаше и во 2016 година, кога најголем број (61,5 отсто) од издадените одобренија за градба беше за високоградба, а секое четврто одобрение за реконструкција на објект. Во 2016 година предвидената вредност на издадените одобренија за градење е поголема за 11,8 отсто во однос на претходната година. 

- Во вкупната вредност на потрошените градежни материјали и енергија, во 2016 година најголемо учество има групата материјали за врзување со 4,6  милијарди денари (35,8отсто), во која спаѓаат цементот, свежиот бетон подготвен за леење и асфалтот - велат од ДЗС.                

Општина Аеродром

Голем број луѓе го сакаат живеењето во овој дел на Скопје поради тоа што грото од населбите се плански градени по земјотресот. Урамнотежената распределба на зеленило, паркинзи за автомобили и станбени згради ја издигнуваат оваа општина високо на листата на атрактивност. Близината и бројноста на градинките, училиштата, спортските терени и трговските центри им овозможуваат на жителите да ги задоволат своите секојдневни потреби. Пристапот до централното градско подрачје е решен со бројни автобуски линии, а на територијата на Општина Аеродром се наоѓа и Транспортниот центар-Скопје.

Општина Карпош

Втори на листата на атрактивност се становите во Општина Карпош. Статистичарите имаат регистрирале изградба на 383 нови станови, со површина од 26.548 метри квадратни.Граѓаните покажуваат интерес за живеење таму најмногу поради мирната и спокојна средина која сепак е блиску до централното градско подрачје. Вреди да се спомене близината на Градскиот парк и бесплатниот јавен паркинг на територијата на целата општина. Веднаш по земјотресот од 1963 година, во населбите од Општина Карпош плански се издигнати образовни и спортски објекти, заедно со театар, кино сала и трговски центри. Сите автобуски линии што транзитираат во правец исток-запад минуваат токму низ населбите од оваа општина.

Општина Центар

Завршувањето на обврските во најкус можен рок е возможно единствено ако живеете во срцето на градот. На купувачите на станови центарот им е привлечен поради продавниците коишто работат 24/7, но и огромниот број на кафе-барови, ноќни клубови и ресторани за излегување во вечерните часови. Купувањето на ново живеалиште во централното градско подрачје овозможува лесна достапност до културно-уметнички содржини во текот на неделата, но и сигурен закуп со добра заработувачка на самиот стан во текот на наредните децении.

Општина Кисела Вода

Купувачите многу често се одлучуваат да го изберат својот нов дом во Општина Кисела Вода и од неколку други причини: бројот на градинки, основни и средни училишта е на солидно ниво, додека околината на станбените згради привлекува со мир и тишина. И конечно, Министерството за внатрешни работи (МВР) во својата евиденција ги води населбите Драчево и Кисела Вода како посигурни делови на Скопје, со најмалку тешки кражби. Високото ниво на безбедност ја прават оваа скопска општина примамлива за купувачите на нови станови.

Пред да се впуштите во потрага низ градот, на вас останува да си одговорите на прашањето дали под прозорецот од станот очекувате да има кафе-бар, дрвја или игралиште за деца. Вреди да се запамети дека обезбедувањето на животен простор е долгорочна инвестиција, за која е неопходно да се земат во предвид бројни информации.