Ана Кац, куратор во МоМА: Солидарноста на уметничкиот свет за Скопје во 1963 е неверојатен гест

Од денешна перспектива е неверојатно да се замисли таков гест на солидарност и заедништво од уметничкиот свет во катастрофа од тој размер каков што бил земјотресот во 1963 година, кога знаеме дека и денес се случуваат многу такви катастрофи, изјави Ана Кац, ко-куратор на изложбата „Скопје, одново“, која на 18 ноември во 20 часот ќе биде отворена во Музејот на современа уметност во организација на Амбасадата на САД во Скопје.  Изложбата ќе ја прикаже историјата на значајната меѓународна колекција на МСУ со фокус на американските автори.

Кац работи во Музејот за модерна уметност во Њујорк (МоМА) во одделот за архитектура, а овој проект го реализира заедно со кураторката од МСУ Кумјана Новакова. На средба со новинарите пред отворањето на изложбата в понеделник, Кац истакна дека меѓународните врски што ги создава Скопје по земјотресот во 1963  посебно се рефлектирани во уметноста и архитектурата и тој период, рече, зборува за значењето на овој град како интернационален центар.

-Тоа се одразува и во колекцијата на Музејот на современа уметност-МСУ. Таа е посебен пример како на едно место се најзначајните уметници од 1960-тите, 1970-тите па и до крајот на 1980-тите години, рече Кац. Таа се заинтересирала за Скопје и за регионот откако соработувала и била дел од кураторскиот тим за изложбата „Бетонска утопија“ (Toward a Concrete Utopia: Architecture in Yugoslavia 1948-1980) за архитектурата во поранешна Југославија која во МоМА во Њујорк беше отворена од јули минатата  до јануари оваа година.

На прашањето дали од изложбата „Скопје, одново“  може да произлезе институционална соработка помеѓу МСУ-Скопје и МоМа, таа одговори дека тоа не може да го потврди.

-Но би сакале оваа изложба да ја однесеме во Америка. По објавата на написот во „Арт форум“ и моите разговори со колеги во САД, дефинитивно има голем интерес изложбата да се види во Америка. Интересно е што се работи за изложба што доаѓа од мал регион, а сепак има големо значење, додаде Ана Кац.

Изложбата „Скопје, одново“ ја обработува најголемата меѓународна акција на солидарност во уметноста организирана во октомври 1963 од Меѓународната асоцијација на пластични уметности, паралелно со глобалната кампања за реконструкција на градот Скопје по земјотресот. Со подароците од автори од цел свет, МСУ  станува дом на единствена и исклучителна колекција на современа уметност во земјава. Најголем дел од делата се од водечки уметници на глобалната современа сцена, што води и до основањето на МСУ во 1964 година.

Кураторката Кумјана Наумовска истакна дека фокус на изложбата се американските автори и е значајно што првпат ќе се стави акцент не само на делата, туку и на архивата која МСУ ја поседува со изложување архивски материјали во вид на лична кореспонденција со автори како Александер Калдер, Џаспер Џонс, Шила Хикс, Алекс Кац, Јон Григореску, Сол ЛеВит, Вифредо Лам, Мина Ситрон, Џеф Расел, Бриџит Рајли…

– Ќе биде претставен и графички материјал (каталози, постери) кои Музејот сам ги изработувал во 1960-тите и 1970-тите години. За нас е многу значајно што ќе биде изложена и методологијата на работа на кураторите која е многу прецизна и интересна и зборува за традицијата на МСУ врз основа на која се гради и денешниот начин на работа, додаде Наумовска.

Претставникот од Американската амбасада во Скопје Ерик Елиот рече дека изложбата е знак за билатерална соработка „преку океанот“ која датира уште од 1960-тите години.

-Оваа година славевме 25 години дипломатски односи, но постојат релации што постојат меѓу луѓето  и тие се важни особено кога Северна Македонија стреми кон НАТО и ЕУ. Треба да ги зачуваме добрите односи меѓу луѓето од двете земји, рече Елиот.

„Скопје, одново“ ќе понуди и отворена јавна програма со филмски проекции, работилници и предавања, а покрај Ана Кац, од САД доаѓаат и Кара Мејнс (исто така кураторка во МоМА) и американската новинарка Кет Хариман. Викендов тие ќе работат со пријавени волонтери на две работилници кои, како што рече Елиот, ќе ја раскажат понатаму приказната за изложбата. Ден по отворањето, во вторник од 18 часот, кураторката Кара Мејнс ќе одржи презентација на која оваа изложба ќе биде разгледана во поширок контекст на американската уметност.

Изложбата „Скопје, одново“ ќе може да се посети до 18 февруари 2020. Финансирана е од Амбасадата на САД во Скопје и поддржана од нашето Министерство за култура и „Еуролинк осигурување“.