АМСМ ги предупредува возачите да внимаваат на остатоците од кашест снег на патиштата

Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози, наместа со остатоци од кашест снег на коловозот, по интервенција на екипите на ЈП Македонија Пат, информираат од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ).

Од таму додаваат дека слаб снег провејува во Крива Паланка, Страцин, Павлешенци, Штип, Сарамзалино, Маврово и на Попова Шапка кој во моментов не се задржува на коловозот.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Од АМСМ ги потсетуваат возачите дека од 15 ноември 2018 година на сила е законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на временската состојба. Оваа обврска ќе трае до 15 март годинава.

Се препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде се бележи појава на утринска магла, а исто така зголемена е и можноста од појава на одрони.