Американски и грчки борбени авиони прелетаа над Скопје за добредојде на Македонија во НАТО

Прелетот на американски воени авиони денеска над Скопје е израз на нашата трајна поддршка за Северна Македонија и гест преку кој што ви посакуваме добредојде како 30-та ченка на НАТО, изјави американската амбасадорка Кејт Мари Брнз.

„Денешниот прелет е израз на нашата трајна поддршка за Северна Македонија како и гест преку кој што ви посакуваме добредојде како 30-та ченка на НАТО. Точно е дека во изминатите неколку недели нашиот најголем фокус беше на заедничката борба против Ковид 19, но не треба да дозволиме тоа да ги замагли историските достигнувања на земјата, влезот во НАТО и добивањето на зелено светло за отпочнување на пристапните преговори со ЕУ. Ова беа аспирации на нашите две земји повеќе од две децении. И покрај тоа што во изминатиов период нашето внимание беше насочено кон борбата со пандемијата сепак, со овој предизвии се соочивме заедно како сојузници. Исто така, САД со овој начин навистина покажуваат дека се тука и го поддржуваат НАТО сојузот и нашиот нов сојузник. Овој прелет кој што денеска го проследивме е симбол на фазата на продлабочувањето на нашето партнерство“, рече Брнз која прелетот на воздухопловите на американското воено воздухопловство го проследи со министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Два авиона на американското воено воздухопловство придружувани од четири авиони на грчката воена авијација денеска извршија прелет над територијата на Македонија во чест на нашето членство во НАТО.

Американските авиони полетаа вчера од сојузната држава Јужна Дакота и имаа 30 часовен непрекинат лет со полнење гориво во воздух.  Авионите над нашата земја летаат на височина од 1.500 метри и нивниот прелет беше проследен со силен звук.

„Денеска и на македонското небо можевме да видиме дека е точна тезата ‘Ние сме НАТО‘, Република Северна Македонија стана 30 членка на НАТО после 30-годишни напори. За жал немавме можност сред пандемијата со коронавирусот да го прославиме нашето членство, меѓутоа денешниот настан заедничката координирана акција на нашата Армија заедно со НАТО командите и со воздухопловните сили на САД, покажува дека интеграцијата не е само политичка, туку реална, воена и одбранбена“, изјави Шекеринска.

Според неа, нашата инвестиција во реформи, во членство во НАТО се покажа на дело и  за време на справување со пандемијата со коронавирусот.

„Армијата беше тука, беше подготвена и знаеше како да и помогне на државата како резултат на бројните вежби и дома и во рамки на НАТО контекстот“, рече Шекеринска и потсети дека како резултат на нашето членство во НАТО можевме да ги искористиме сите механизми и инструменти за брза реакција што Алијансата го предвиде.

Полковник Валентин Ивановски, раководител на секторот за воено-воздухопловен авторитет изјави дека денешниот прелет е сложена воздухопловна операција на воздухопловните сили на НАТО Алијансата со учество на два воздухоплови од САД и четири авиони М-16 од грчкото воено воздухопловство.

Тој појасни дека летот е комплетно организиран од Командата на силите за Европа и воден преку воздухопловните оперативни центри каде е вклучен и нашиот нов воздухопловен оперативен центар и каде што сите летови и координација се извршени преку системот за контрола на воздушниот систем. Воздухопловите полетаа од јужната кота, после долг лет влегоа на бугарската граница каде што беа пресретнати од четири воздухоплови од типот Ф-16 на Грчкото воздухопловство и заедно во формација преку Штип, Велес, аеродромот Петровец прелетаа преку Скопје.

Членството на Македонија во НАТО започна со широка поддршка од страна на сојузничките земји, која се покажа и при кризата предизвикана од коронавирусот со бројни донации во медицинска и заштитна опрема од страна на сојузниците. Како нова членка на НАТО, Македонија е опфатена и со програмата за воздушно патролирање која е ексклузивна само за членките на Алијансата и чија цел е заштита на небото на државите од НАТО.

izvor-mkd.mk