Алтхамер и Жмијевски две недели ќе создаваат уметнички дела во МСУ од стари историски книги, мапи, карти...

Веќе четврти ден европскиот уметнички тандем Артур Жмијевски и Павел Алтхамер создаваат нови дела во просторот на Музејот на современата уметност – Скопје насловена како „Отворено студио“. Куратор на проектот е Владимир Јанчевски.

Како што информираат од Музејот на современа уметност – Скопје, во текот на овие две недели, полските уметници ќе создадат 30-тина уметнички слики на картон со акрилна боја и колажи од стари историски книги, мапи, карти, атласи, постери, образовни графикони… Посетителите се добредојдени да донесат дел од овие материјали, и со тоа да придонесат во создавањето на делата.

На 14 јули во МСУ ќе биде отворена нивна изложба, токму со овие креирани дела, насловена како „Полска школа на колаж“ (Polish School of Collage), која ќе биде поставена до 25 август 2022 година.

Голем куриозитет е што дел од делата ќе ги подарат на Музејот и со тоа ќе ја збогатат вредната колекција. Со овој гест се реактуелизира донацијата на дела од светски познати автори. 

На 8 и 12 јули во 20 часот, кустос Бојана Јанева ќе организира ноќни тури низ МСУ – Скопје, каде посетителите покрај тоа што ќе можат да ги погледнат актуелните изложби ќе имаат и ретка можност со личен водич да посведочат на креативната работа на Жмијевски и Алтхамер.

Инаку, Музејот е отворен за посетители во своите редовни термини, како и досега, од вторник до сабота (10 – 17 часот) и во недела (10 – 13 часот), каде може да се погледнат актуелните поставки на музејот. А оние посетители, кои се заинтересирани за уметничкиот тандем Жмијевски и Алтхамер, доколку дојдат во музејот во периодот меѓу 14 и 17 часот ќе имаат ретка можност да посведочат на нивниот процес на работа.