Алити: Се обидуваме да не се вработуваат партиски послушници во администрација

 Ние како централна власт не можеме да имаме директен имапкт во администрацијата, но со нашите закони се обидуваме да поставиме механизми и инструменти кои ќе им олеснат на институциите да бидат поефикасни во делот на новите вработувања. Се обидуваме начинот на вработување да биде потранспарентен и да нема можност првиот човек на институцијата да вработува партиски послушници, изјави министерот за информатичко општество и админстрација Адмирим Алити.

Министерот смета дека департизацијата е феномен во нашето општество и оти најмногу вработувања се случуваат пред избори и тоа во општините, училиштата и во здравството. Тоа, како што рече, со новите закони треба да се смени.

-Поголемиот дел во јавната администрација се во образованието, во здравството и во општините, каде директно ние како централна власт не можеме да имаме импакт, но индиректно да, со нашите закони што ги имаме како Министерство. Поточно, со Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административни службеници се обидуваме да поставиме механизми и инструменти кои ќе им олеснат на институциите да бидат поефикасни во делот на нови вработувањата, изјави Алити во одговор на прашање пред почетокот на јавната расправа за Нацрт верзијата од Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023-2030.

Според министерот, за да има системско решение во делот на регрутирање на вработените, целта е процесот на вработување да се одвива потранспарентно, односно да нема можност првиот човек на институцијата да вработува партиски послушници, да му е тешко или во идеална ситуација невозможно тоа да го стори.

-Ние сите како општество треба да се залагаме да нема институции кои вработуваат само за политичката партија, потенцираше Алити.