Алијанса на Албанците на Зијадин Села стана „Албанска лига“

Крилото на Алијансата за Албанците предводено од Зијадин Села, на Петтиот партиски конгрес официјално го промени своето име во Албанска лига.

Прогласувајќи почеток на нова политичка ера, Села им порача на партиските активисти дека претстои период на интензивна теренска работа и формирање нови подограноци.

Тој истакна дека неговиот политички субјект нема намера пасивно да ги набљудува обидите за нарушување на колективните права, туку на нив ќе одговори со силен политички ангажман.

Во своето обраќање, Села ги реафирмираше партиските ставови за клучните политички процеси во земјата, отворајќи ја и можноста за потенцијален влез во владината коалиција.

Потпретседателката Илире Даути, говорејќи за досегашниот пат на партијата под нивно раководство, истакна дека оваа структура секогаш ги отстранувала пречките за Албанците во Македонија, а тој процес и понатаму ќе го предводел Зијадин Села.

„Политиката ја движат два типа на луѓе: оние кои бараат бенефит за себе и оние кои се жртвуваат и си ги повредуваат сопствените раце за да ги отстранат пречките од патот на идните генерации“, посочи Даути.