Алерголозите препорачуваат поголема дисциплина кај лицата што имаат проблеми со алергиите во овој период од годината

Секој трет Европеец и секој четврти Македонец боледуваат од некој вид алергија, како што е убод од оса, алергија на лекови, храна, инхалаторни алергени. Алергијата е модерно заболување од кое имаат проблеми и бебиња и највозрасни лица, но најголемиот процент, речиси над 60% од заболените, се млади лица.

Март е месецот кога стартуваат алергиите, затоа многумина го нарекуваат месец на кивањето, тешкотии во дишењето, насолзени очи... Алерголозите велат дека тоа се должи како последица на вегетациските и метеоролошките параметри, поради што се препорачува намалување на активностите на отворено на пациентите што се алергични на полен од дрвја, оти во земјава во овој период цветаат леската, евлата, кипарисите, смреките и јасенот. Тие препорачуваат поголема дисциплина кај лицата што имаат проблеми со алергиите, но и редовно примање на терапијата.

Хронолошки во април цвета тополата и оревот, во мај борот и дабот, а во јуни поленот од липа и трева. Во август слезот и тревата, а наесен покрај тревите и папратите. 
Медицинските стручњаци објаснуваат дека лицата кои се алергични на дрвја, пред се на бреза, може да имаат проблеми поради вкрстената хиперреактивност на брезата со леската и евлата. Според нив алергијата на полен се манифестира со воспалена носна слузница, црвенило, појава на оток, солзење на очите, промени на кожата, но и воспаление на грлото и мекото непце.

Голем виновник за алергиите е и аерозагаденоста која директно влијае на загадувањето на полените. Тоа е и основната причина што многу лекови против алергии се почесто не делуваат со потребната јачина. Единственото терапевтско средство кое го менува природниот ток на болеста, спречува настанување на астма и ги коригира сите симптоми е вакцинацијата со одредени алергенски екстракти.

Според лекарите алергиите се пореметувања на имуниот систем. Пациентите што боледуваат од алергија реагираат на поинаков начин кога ќе дојдат во контакт со туѓи тела како што се бактерии, полени, полени од растенија, животни, крзна од животни, од микроорганизми и микрокрлежи. 

Алерголозите за оние што имаат проблеми со конјуктивитис велат дека задолжително треба да носат очила за сонце со цел да се заштитат очите.

Неопходно е и често плакнење на лицето, миење на косата бидејќи во неа се собира големо количество полен кој се внесува во домот и постелата. Се препорачува и проветрување на домовите во раните утрински часови кога концентрациите на полен се пониски. Алергиите се лепат и на облеката, затоа алергичните лица треба почесто да ја менуваат гардеробата, но и постелнината.