Александар Николовски, претседател на Универзитетското студентско собрание на УКИМ и Националното студентско тело: Кампањата ‚‚Никогаш повеќе сама‘‘ на dm дрогерие маркт е борба за праведност и почит кон здравствените и личните права на студентките

Студентите се иднината на нашата земја. Токму затоа, важно е да им се посвети поголемо внимание на предизвиците со кои тие се соочуваат, но и да бидат слушнати нивните барања и потреби. Еден од предизвиците за дел од нив, за студентките, е потребата за подобра менструална правда. На оваа тема разговаравме со Александар Николовски, претседател на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кој воедно е претседател и на Националното студентско тело. Николовски го сподели со нас своето мислење и поддршка за кампањата „Никогаш повеќе сама“. Оваа иницијатива, предводена од dm дрогерие маркт, според него претставува голем чекор кон подобрување на менструалната правда во Македонија преку поставување на над 200 диспанзери со бесплатни хигиенски влошки од приватната марка Jessa на државните универзитети. Со оваа акција се отвораат вратите за поддршка на студентките и подигнување на свесноста за важноста на менструалното здравје, што претставува значајна поддршка за сите студентки. Александар говори за важноста на оваа иницијатива, како и за својата улога во поддршката на правото на студентките за пристап до основните хигиенски производи.

Во октомври, dm дрогерие маркт ја започна кампањата ‚‚Никогаш повеќе сама‘‘, преку која постави над 200 диспанзери со бесплатни влошки на државните универзитети во Македонија. Колку сметаш дека оваа кампања ќе им помогне на студентките и ќе придонесе за подобрување на менструалната правда?

Кампањата претставува значаен чекор кон унапредување на менструалната правда на универзитетите. Со поставувањето на над 200 диспанзери со бесплатни хигиенски влошки на државните универзитети во Македонија, оваа иницијатива на dm дрогерие маркт директно ќе им помогне на студентките кои се соочуваат со финансиски предизвици или со недостиг на пристап до основни хигиенски производи. Покрај практичната корист, оваа иницијатива покажува дека менструалната правда е прашање на еднакви права и заедницата може да направи многу за да ги поддржи своите членови.

Како Универзитетско студентско собрание, јавно ја поддржавте оваа кампања и ја оценивте како многу позитивна. Сметате ли дека оваа кампања ќе придонесе за зголемување на менструалната правда помеѓу студентките и ќе им биде од помош?

Како УСС ја поздравуваме оваа инцијатива на dm дрогерие маркт бидејќи има значајна улога во подигнување на свесноста за менструалната правда и правата на студентките. Веруваме дека кампањата ќе поттикне поголема отвореност и ќе помогне во намалување на стигмата околу темата, овозможувајќи им на студентките полесен пристап до потребните хигиенски производи, како и финансиско олеснување, а воедно и ќе помогне во градење на социјална свест и промена во начинот на кој се перцепира менструалното здравје. Како студентски активисти, но пред сѐ како општество, мора да се стремиме да создадеме средина каде што ќе се овозможи поддршка, разбирање и инклузија.

Каква е твојата лична мотивација како студент и претседател на Универзитетското студентско собрание да се вклучиш во поддршка на оваа кампања?

Како студент и претседател на УСС верувам дека секој студент треба да има еднаков пристап до основните потреби, без разлика на неговата финансиска состојба или други фактори. Кампањата за менструална правда не е само за обезбедување хигиенски производи, таа претставува борба за праведност и почит кон здравствените и личните права на студентките.  Како претседател, се залагам за иницијативи кои го унапредуваат студентскиот живот и ги отстрануваат пречките кои можат да влијаат на академските и личните успеси. Оваа кампања има потенцијал да донесе вистински промени и да создаде поддржувачка заедница каде што студентките ќе се чувствуваат сигурни и вреднувани.

Како иницијативите како „Никогаш повеќе сама“ можат да влијаат врз општата свесност за менструалното здравје и менструалната сиромаштија меѓу студентките?

Иницијативите како „Никогаш повеќе сама“ играат клучна улога во подигнување на општата свесност за менструалното здравје и менструалната сиромаштија меѓу студентките, но и во пошироката заедница. Преку јавно отворање на оваа тема, се разградуваат табуата поврзани со менструацијата. Ваквите проекти имаат моќ да поттикнат поголема солидарност и промени на институционално ниво, што може да доведе до континуирано обезбедување бесплатни хигиенски производи во образовните институции, кои во иднина ќе ги обезбедуваат и самите институции или државата, што е чекор кон намалување на менструалната сиромаштија и создавање праведно општество.

Какви конкретни мерки или проекти би предложиле за дополнителна поддршка на студентките на УКИМ и другите универзитети во Македонија, во контекст на менструалното и репродуктивното здравје?

Прво, би било корисно да се постават диспанзери во тоалетите и во студентските домови. Со тоа, како што и претходно кажав, ќе се олесни финансискиот товар врз студентките и ќе се намали менструалната сиромаштија. Дополнително сметам дека редовни едукативни сесии и работилници во кои би се вклучиле експерти како лекари, гинеколози и психолози, би биле од голема помош за сите студентки. Сметам дека овој позитивен пример на dm дрогерие маркт можат да го следат и останатите чинители во општеството и бизнис заедницата, кои можат да работат на имплементирање на промени од ваков тип и во останатите јавни и приватни објекти.

Кампањата вклучува и едукативни активности на универзитетите. Кои теми сметаш дека се најважни за студентките во однос на менструалното здравје и како најдобро би се пренела пораката?

Сметам дека едукативните активности претставуваат клучен дел од оваа кампања бидејќи тие им овозможуваат на студентките важни информации за подобро менструално здравје и благосостојба. Основата на овие активности би требало да опфати повеќе значајни теми. Прво, важно е студентките да го разберат менструалниот циклус, неговите фази и промените кои се случуваат во телото, што ќе помогне да се нормализира и намали стигмата околу менструацијата. Дополнително, потребно е да се зборува за хигиенските практики и различните видови менструални производи, како што се хигиенските влошки, тампони и менструални чашки, како и за најдобрите начини на одржување хигиена за време на циклусот. Кампањата би требала да опфати и теми поврзани со менструалната сиромаштија и праведноста, односно предизвиците со кои се соочуваат многу студентки во пристапот до основните хигиенски производи и како ова влијае на нивното здравје и академски успех. Исто така, од голема важност е да се говори и за здравствените проблеми поврзани со менструацијата, како што се болни циклуси, ендометриоза и синдром на полицистични јајници (PCOS), заедно со информации кога е потребно да се побара медицинска помош. Оралната контрацепција не смее да се изостави од оваа листа, исто така.  Темите за менталното здравје и неговата поврзаност со менструалниот циклус можат да им помогнат на студентките во справувањето со емоционалните предизвици за време на циклусот. Најефикасниот начин да се пренесат овие информации е преку интерактивни предавања, работилници и отворени дискусии кои ќе ги охрабрат студентките да поставуваат прашања и да ги споделат своите искуства. Исто така, користењето на визуелни материјали, брошури и социјални медиуми ќе овозможи поширока достапност и ќе помогне да се зголеми ангажманот на студентките во кампањата.

Што би им порачал на студентите, особено на студентките, во однос на значењето на менструалната правда и нивната улога во поддршката на вакви иницијативи на универзитетите?

Би им порачал на студентките дека менструалната правда е прашање на основно човеково достоинство и праведност. Таа подразбира еднаков пристап до основните потреби и создавање на средина во која секоја студентка ќе се чувствува поддржано и вреднувано. Менструалното здравје не треба да биде луксуз или причина за срам, туку природен и важен аспект на здравјето и благосостојбата. Улогата на студентите во поддршката на вакви иницијативи е суштинска бидејќи преку активно учество и гласно застапување за овие прашања, можеме да поттикнеме поголема свесност и да предизвикаме трајни промени. Ги повикувам сите да се вклучат, без разлика дали тоа е преку учество во едукативни настани, ширење на информации или поддршка на кампањи кои ја промовираат менструалната правда. Заедно можеме да изградиме универзитетска заедница каде што секоја студентка ќе има еднаков пристап до хигиенски производи и ќе се чувствува поддржана и уважена.

Во завршницата на интервјуто, Александар истакнува дека овој дел од кампањата ‚‚Никогаш повеќе сама‘‘ на dm дрогерие маркт претставува само почеток на една подолга борба за праведност и поддршка на студентките кога станува збор за менструалната правда. Тој ја повикува универзитетската заедница, особено студентите, да се вклучат во поддршката на вакви иницијативи кои имаат цел да ги отстранат стигмата и финансиските пречки со кои се соочуваат многу студентки. Со својата порака за солидарност и инклузивност, Александар потсетува дека заедничките напори на студентите можат да ја направат универзитетската средина посигурна, поддржувачка и еднаква за сите, без разлика на нивните лични и здравствени потреби.