И последната алка во обидот да се воскресне митот за Александар Велики, филмот што требаше да ја визуализира приказната за големит воин, со наслов „Александар“, е скината со раскинување на договорот од страна на Управниот одбор во Агенцијата за филм, дознава „Макфакс“.

Снимањето на филмот што државата требаше да ја чини 50.000.000 денари е стопирано поради неисполнети обврски од договорот со  продуцентот „СД продукција“ ДООЕЛ Скопје, односно Слободан Деспотовски, кој е воедно потписник и на режијата и на сценариото на овој проект, кој би требало да врати 2.500.000 денари. Овие средства се 5 отсто од вкупно одобрените пари, кои му се дадени со потпишување на преддоговорот.

Според информациите на „Макфакс“, продуцентот, иако според договорот бил должен да обезбеди средства од друг извори и да склучи дополнителни копродукциски договори, тој ваква документација не приложил. Со оглед на тоа што крајниот рок во кој продуцентот требало да ги исполни условите од договорот истекол на крајот од минатиот месец, Управниот одбор донел одлука овој преддоговор да биде раскинат.

Овој филмски проект е дел од неколку слични проекти што се подготвуваа во Агенцијата за филм како тренд со кој требаше да се визуализираат некои епохи од македонската историја. Според извори на „Макфакс“, и во овој случај, како и во случајот со серијата „Македонија“, не се оспорува неговата содржина, туку неисполнување на обврските и неиздржаноста на проектите.

Според добро упатени кругови на филмските проефесионалци, филмовите како овој или, пак, оној за цар Самуил, се амбициозни филмски проекти чиј успех или гледаност вообичаено е загарантиран кога излегува од холивудската кујна. Овие локални обиди, според многумина, личат само на брзоплети дилетанстки одлуки по секоја цена во нашата кинематографија да се впишат наслови во прилог на политиките на претходната власт.

Новото раководство во Агенцијата за филм во изминатиот период се соочи со многу неправилности и наследени долгови и се обидува да го расчисти ова многугодишно влијание врз филмот. Судејќи според низа смели одлуки на Агенцијата за филм, македонската кинематографија треба да биде ослободена од слични притисоци и да се врати во правец на модерниот европски филм.

Инаку, раскинувањето на договорот коинцидира со симнувањето на споменикот на Александар и тргнување на буквите од името на аеродромот.

Ревизијата на работната група за проектот „Скопје 2014“ исто така во низата елаборати подготвува еден и за споменикот на „Воинот на коњ“ на плоштадот за кој, ако се утврдат нерегуларности, тој ќе биде тргнат.