Албанија забранила влез на тројца македонски функционери - Албанци

Пратеникот во Собранието на Македонија, Беким Ќоку, тврди дека нему, на уште еден пратеник и на заменик-генералниот секретар на Владата им бил одбиен влез во Албанија, без, како што наведува, да добијат какво било официјално образложение од албанските власти.

Според тврдењата на Ќоку, како што вели, едно рутинско преминување на границата се претворило во апсурдна драма, откако тројцата функционери, сите етнички Албанци од Македонија, биле задржани повеќе од еден час на граничниот премин Ќафасан при влез во Албанија.

Тој посочи дека по повеќе од еден час чекање без никакво објаснување, ним им било дозволено да продолжат, но дека на едно лице кое било со нив во друго возило му бил забранет влезот, поради што, одлучиле да се вратат назад во Македонија.

„Во кабината каде што ги предадовме пасошите, македонскиот полицаец ни кажа дека, според потврдата од неговиот албански колега, забраната за влез важела и за нас тројцата. Зошто претходно ни дозволија да поминеме, останува енигма“, пишува Ќоку.

Пратеникот додава дека до овој момент не добиле никакво официјално решение или известување за причините поради кои им бил забранет влезот.

Ќоку наведува дека доколку причината е неговата јавна поддршка за неодамнешните протести во Албанија кои беа против Рама, тоа би било сериозно загрижувачко.

Во објавата тој прави споредба со односот на албанските власти кон поединци од регионот, оценувајќи дека е неразбирливо што, од една страна, се оддава почит на јавни личности од Србија, а од друга страна, на Албанци надвор од границите им се забранува влез без официјално образложение.

На крајот, Ќоку апелира институциите во Албанија што поскоро да го разјаснат случајот.