Албанија нуди одмор за сечиј вкус и џеб - Ксамил за мирен семеен одмор, Дерми и Саранда за ноќен живот

Албанија летово е број еден избор за голем број македонски туристи, пред се затоа што не постојат пандемиски ограничувања за влез во земјата. Исто така во соседна Албанија може да влезете само со лична карта, и зелен картон доколу патувате со автомобил. 

Цените за билет со автобус се движат од 36- 55 евра зависно од крајната дестинација до која ќе патувате. 

Албанија нуди места за сечиј вкус, од помирни за семејни патувања, до подинамични за млади луѓе. 

Доколку сакате поубави плажи и помирно место за летување за Вас и вашето семејство туристичките агенции го препорачуваат Ксамил, доколку сакате динамичен одмор со централно шеталиште и многу ресторани, кафичи, дискотеки дефинитивно треба да ја одберете Саранда.
Доколку сакате да бидете во голем современ град кој наликува на Ница со долги плажи кој впрочем можете да одберете дали сакате да се капете на Јадранско или Јонско море тогаш Валона е идеална за вас. 
За сите оние кој сакаат да истражат нови места со диви плажи како и недопрена природа која неможете да ја видите во дигиталниот маркетинг, а притоа сте спремни да си приуштите повеќе се препорачуваат Борш, Дерми, Јале и Химара. 

Цените за сместување во Албанија се различни во сите овие туристички места, но најчесто се движат од 8 евра по лица, како најниска цена, па до 20 евра и нагоре, за една ноќ. 

Две лежалки може да изнајмите по цена од 15 евра, додека пак оброк ќе ве чини од 5 евра нагоре. Со пиво ќе може да се освежите по цена од евро или две, додека пак кока-колата се продава по цена од едно евро.

Официјална валута е лек (1€-123 леки), но во сите продавници, кафичи и ресторани примаат и евра, воедно во сите ресторани и кафичи како и поголеми маркети можете да платите со кредитна картичка.