Алармантно: Во Македонија има над 120 илјади лица со дијабетес, 35 илјади на инсулин

Во Македонија околу 120.000 лица се заболени од дијабетес, а 35.000 се на инсулинска терапија. Бројот на заболени се зголемува и затоа неопходно е да се прават превентивни прегледи и подигне свеста кај населението за ризик факторите за појава на дијабетес поврзани со исхраната, физичката неактивност, зголемената телесна тежина, стресот.

Компликациите од болеста може да се спречат со добра контрола на шеќерот во крвта, зголемување на физичката активност, правилен начин на исхрана и соодветна терапија.

 Секоја година се зголемува бројот на заболени од дијабетес.

Според проценките на СЗО, дијабетесот до 2030 година ќе се искачи повисоко од сегашната ситуација во однос на морталитет, морбидитет, каква ќе биде неговата преваленца итн. Дијабетесот ќе стане седма најчеста болест во светот која ќе го оптоварува здравствениот систем и државите воопшто.

Ризик фактори за дијабетес се јадење храна богата со шеќер, масти. Тоа се некои параметри кои сигурно влијаат врз раниот почеток на дијабетесот пред се на дијабетес тип 2. Но, податоците покажуваат дека има поголема зачестеност на дијабетес тип 1 во Република Македонија. Физичката неактивност е еден од ризик факторите. Извештаите покажуваат дека зголемената телесна тежина и дебелината се број еден ризик фактор за хронични незаразни болести во најголем број држави и членки на СЗО.

Она што треба да се направи е да се работи на подигнување на свеста за ризик фактори за дијабетесот поврзани со исхраната, значи што јадеме и како ја управуваме својата телесна тежина и кои политики во исхраната треба да бидат имплементирани за да може да се намалат ризиците за дијабетесот првенствено, но и за другите хронични незаразни заболувања.