Алармантно - расте бројот на заболени од жолтица во Скопје

Расте бројот на заболени од жолтица во Скопје. Досега се регистрирани 78 случаи а најмногу има во скопската општина Сарај каде не е исклучена можноста скопскиот центар за јавно здравје да прогласи епидемија. Во училиштата каде има заразени ученици, државниот санитарен инспекторат направил вонредни контроли со препораки кои мерки треба да ги преземат надлежните, пренесува Сител

Петровец и Студеничани се новите скопски општини каде се прошири заразната жолтица. По прогласување на епидемија во населбата Даме Груев пред новогодишните празници, епидемиолозите од скопскиот центар за јавно здравје будно ја следат и состојбата во Сарај каде досега евидентирале 19 случаи со хепатит А меѓу кои и двајца браќа близнаци.

Меѓу 78-те заразени досега има и десетина ученици од неколку скопски училишта. За да не дојде до ширење на болеста со враќање на децата во училишните клупи, инспекторатот веќе направил вонреден надзор.

-Во училиштата каде има жолтица направивме вонреден надзор и издадовме решенија кои противепидемиски мерки треба да ги преземат. Направени се и контроли по издадените решенија, велат од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Изминатите две недели во скопскиот центар за јавно здравје регистрирале 10 нови случаи со што бројката на заразени достигна 78. Епидемиолозите предупредуваат дека болно лице може да ја пренесува болеста цел месец.

-Хепатит А е вирус од кој страда црниот дроб и секако може да дојде и до компликации, особено кај повозрасни лица, вели др. Билјана Даниловска, епидемиолог во ЦЈЗ- Скопје.

Скопскиот Центар за јавно здравје прогласи епидемија во населбата Даме Груев откако регистрираа 7 поврзани случаи со хепатит А меѓу роднини и соседи.

Најдобра превенција е одржување на лична и општа хигиена.