Алаѓозовски му одобрил 100.000 евра на „Авалон“, па го пријавил во Финансиска полиција

Финансиската полиција отвори предистражна постапка под сомневања за големи суми даночно затајување од страна на фирмите ќерки на „Авалон продукција“, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК.

Оваа предистрага е отворена по пријава на случајот од министерот за култура Роберт Алаѓозовски, откако Здружението за заштита на авторски музички права (ЗАМП) ги документирало правосилните судски пресуди со кои фирмите на „Авалон“ со години не плаќале за авторски права по бројните концерти на домашни и странски музичари и автори и ги однело во Министерството за култура. Вкупната сума што ја должеле овие фирми со судски пресуди досега е стасана до 150 илјади евра.

Да, предметот од Министерството за култура е примен и архивиран во Управата за финансиска полиција на Република Македонија во март 2018 година. Отворена е предистражна постапка. Според нашата надлежност, почнати се проверки на фирмите на Авалон, од основната, формирана во 1998 година, која не била под ова име, преку Авалон продукција и до сите останати фирми – ќерки кои биле низ годините отворани и згаснувани со носење во стечај, ликвидација, или биле трансформирани. Наша задача е да влеземе во сметководствата и книговодствата на овие фирми да ја констатираме состојбата и ако утврдиме даночно затајување, ние самите да поднесеме кривична пријава или за тоа да го известиме Јавниот обвинител на ОЈО Скопје“, велат во Финансиската полиција.

Финансиската полиција ќе открива дали со цел да се избегне плаќање на даноци и да ги скрие незаконските дејности, раководството на една фирма на „Авалон“ отвора нова (фирма – ќерка), по што ја затвора старата (фирмата – мајка), а притоа цело време ја работи истата дејност. Законски е истовремено да работат и фирмата мајка и фирмите ќерки, а не само ќерката, објаснуваат од Финансиската полиција. Укажуваат дека има фирми со исто име и со иста дејност што работат и по 25 години.