Активни 670 случаи со Ковид-19, најавени нови количини вакцини

Бројот на активни случаи со Ковид-19 во државава, според последните податоци на Министерството за здравство, вчера се намали на 670, а беа регистрирани само 10 новозаразени од направени 2.825 тестирања. Здравствените власти истакнуваат дека вакцинацијата дава резултати и апелираат да се почитуваат мерките за заштита. Во зависност од бројот на нови случаи, Комисијата за заразни болести ќе носи нови одлуки за олабавување на рестриктивните мерки.

-Првпат по подолго време бројот на активни случаи на Ковид-19 опадна под илјада. Вакцинацијата и почитувањето на мерките ги донесоа очекуваните резултати, вели министерот за здравство Венко Филипче со апел да се продолжи да се почитуваат мерките и оние граѓани кои сѐ уште не се пријавиле за вакцинација, да го сторат тоа што поскоро.

Од регистрираните десет нови случаи на заболени од Ковид-19,  пет се во Скопје, по два во Прилеп и Виница и еден во Куманово.

Регистрирани се 332 оздравени пациенти, а пријавени се вкупно седум починати лица.

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 123 и има околу 420 празни болнички кревети во ковид центрите.

-Бројот на приеми во изминативе денови се намалува и до вчера изутрина до 8 часот имало 90 слободни места. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна поддршка, нагласија вчера од Министерството за здравство.
Mинистерот Филипче  вчера најави дека Турција ќе ни донира 30.000 вакцини од производителот „Синовак“, а како што информираше претходно во текот на неделава треба да пристигнат уште 500.000 вакцини од овој производител.
Како што јави, пак, дописникот на МИА од Белград, во Врање е можна вакцинација за граѓаните на Северна Македонија без претходно закажување. Сè што треба да сторат е да донесат важечка лична карта – пасош или лична карта, јави РТС.

Според српскиот јавен сервис, на вакцинирање во Врање доаѓаат лица од сите делови на Северна Македонија, а најмногу од Скопје и Куманово, како и цели семејства. Пред два дена РТС соопшти дека за време на викендот во Врање за вакцинација се пријавиле 753 македонски граѓани, кои ќе бидат вакцинирани со вакцината на Фајзер. До завчера во Врање се вакцинирани 1.105 граѓани на Република Северна Македонија, а двете дози ги имаат примено 836 лица.
Според официјалната веб страница за вакцинација досега во земјава бројот на вакцинирани изнесува 245.413, а интерес за вакцинирање пројавиле 440 213 граѓани.
Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.417, бројката на оздравени пациенти е 149.292, а на починати е 5.455.