Активна старост, искористена мудрост и здраво општество

Кога последен пат сте побарале совет од некој повозрасен од вас? Кога последен пат сте сакале да чуете и научите нешто за вашата работа од некој кој веќе го изминал вашиот пат и постигнал успех? Дали ви е полесно да изгледате видео-туторијал, да слушате краток курс за некоја вештина, отколку да седнете и ислушате некој со поголемо животно и професионално искуство? Дали „немам време“ е факт или изговор?

Забрзаното, заитано секојдневие сè помалку нѝ остава време за себе и за луѓетo околу нас. Семејните ручеци се сè поретки, целодневните посети на баба и дедо, исто така. Повозрасните роднини и пријатели ги гледаме само за поголемите празници. А колку само топлина, добронамерност и мудрост има во секој нивни збор, во секој поглед! Ние сме генерација со која  замира традицијата „одење на гости“. Домовите порадо ги чуваме чисти и средени, отколку бучни, со врева и луѓе во нив.

Маалските кафе-средби станаа егзотка, кафе-муабетот со комшиите, па и со поранешните повозрасни колеги ги сведовме на брзински состанок во најблиското кафуе или бар. Исто е, ама и не е!

Знаеме ли како општество да ги цениме оние кои го имаат искуствто што нам ни е потребно? Знаеме ли да ги активираме пензионерите и да го чуеме нивното мислење, освен за време на избори и во предизборни кампањи?

Кампањата „Да ги слушнеме и гушнеме“ алудира токму на тоа. Да, секако, ја има силната емотивна порака, пренесена и преку визуелниот момент со илустрации, со изразен топол колорит и носталгична компонента, но го поставува и суштинското прашање – дали навистина ги слушаме оние кои нè пораснаа?

Кога зборуваме да ги активираме постарите, секако не мислиме на тоа да се вратат на работа, туку мудро да го искористиме нивното знаење преку повремени советувања, консултации, предавања. Навистина би било убаво да го чуеме размислувањето на некој пензиониран професор по графика и неговите сфаќања за сегашните дизјанерски текови и решенија во визуелната комуникација, потоа некој архитект со децениско искуство со неговите предлози за урабнистичките прашања и дилеми. Одлично би било да се чуе и некој човек кој создал свој бизнис и изодел долг пат за да ја ја задржи компанијата на здрави нозе. Неговите размислувања и идеи би можеле да бидат добредојдени во период на светска економска и енергетска криза, очекувани рестрикции и големи предизвици.

Ваквите иницијативи можат да донесат бенефит за двете страни - повозрасните ќе се почувствуваат корисни, слушнати и почитувани, а помладите ќе имаат можност за учење во живо, за непосредно пренесување на знаењето и искуството. Двете групи ќе се потсетат на подзаборавената доблест – да го ислушаме тој до нас.

Во време кога целиот свет е забрзан, понекогаш нѝ е потребно мало забавување за да сфатиме каде сме, кои сме и кон каде одиме. Всушност, ние сме генерација што треба да изгради цврст мост меѓу тие пред нас и оние по нас. Ние сме генерацијата која треба да најде простор и време да ја продолжи традицијата на пренесување на знаењето од колено на колено, без разлика дали се работи за најсофистицираните академски вештини, реалните животни искуства или пак занаетите на кои и тоа како ќе се навраќаме.

Да ги гушнеме и слушнеме сега оние пред нас и да оставиме пример на оние кои доаѓаат по нас. Ативноста на повозрасните, во комбинација со нашата вештина во ползувањето на нивните мудрост и искуство, може да бидат одлична основа и за иднината на оние кои доаѓаат по нас – нашите деца. Само на тој начин, со достојно место и почит на секој чинител во заедницата, можеме да изградиме здраво и цврсто општество, подготвено да се справи со сите предизвици. 

Да се вратиме на основата на секоја релација и комуникација – да ги почитуваме и слушнеме сите околу нас.