Активирани препораките и мерките за аерозагадувањето

Според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, прагот на алармирање за PM10 (надминување на вредноста од 200 мg/m3 во текот на два последователни денови) на 28 и 29 јануари е надминат во Скопје на мерните места Ректорат, Лисиче и во Гази Баба.

Ова го соопштија од владината прес-служба од каде наведуваат дека од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање доставена е информација за надминување на прагот на алармирање до министерствата за здравство и за труд и социјална политика, Државниот инспекторат за животна средина, Управа за животна средина, Сектор за комуникација со јавноста во МЖСПП, Институт за јавно здравје, Град Скопје и Единиците за локална самоуправа каде има епизода на алармантно загадување на воздухот.

Согласно заклучоците од записникот од 40. седница на Владата на Република Македонија одржана вчера стапуваат на сила препораки и мерки. 

Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Министерството за здравство се должни да препорачаат на сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар.

Се препорачаат на сите правни субјекти (работодавци) да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11 до 17 часот, да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено, да се обезбедат услови за зголемени активности на службите за Итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.

Владата треба да ги задолжи сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и АД во државна сопственост, како и на Единиците на локална самоуправа да ја намалат (до 50 отсто) употребата на службените возила и да обезбеди ограничување на работите на градежните објекти.

Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, Здравствениот дом и Единиците за локална самоуправа треба да обезбедат прифатилишта за сместување на бездомници, да дадат поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.

Министерството за здравство треба да ја задолжи Службата за Итна медицинска помош да доставува Информација до Институтот за јавно здравје за број на повици (според дијагноза/код на МКБ10, пол, возраст, место на живеење/општина), за времетраењето на епизодата на алармантно загадување на воздухот на дневна основа се до завршување на епизодата и една недела по завршувањето.

Се препорачува Државниот инспекторат за животна средина да започне со вршење на зачестена контрола на Инсталациите кои што поседуваат А – ИСКЗ дозвола, да спроведе контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух со акредитирана лабораторија со цел да се утврди дали се применуваат пропишаните услови/мерки во Дозволата по однос на емисиите во воздух.

Министерството за животна средина и просторно планирање ќе подготви и достави препорака до Инсталациите коишто поседуваат А – ИСКЗ дозвола, за намалување на капацитетот на производство (до 50 отсто) со што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите кои што произведуваат топлинска или електрична енергија. Единиците на локанлан самоуправа се должни да ги спроведат мерките пропишани во краткорочните планови или краткорочните мерки донесени на Советите на општините, стои во соопштението од владината служба за информирање.