Актерите се организираа, утре спроведуваат акција за чистење на Клинички

Додека се чека Министерството за здравство да одлучи кој и кога ќе започне да го чисти Клиничкиот комплекс „Мајка Тереза“ кој тоне во ѓубре, актерите решија да ги преземат работите во свои раце и да покажат одговорност кон животната средина.

На социјалните мрежи младата актерка Сања Арсовска објави статус во кој предлага уметниците еднаш неделно да го чистат дворот на Клиничкиот центар.

-Сонував како ние уметниците го чистиме дворот на клинички центар. Се разбудив и си викам, па и онака сезоните во театрите ни се завршени, ништо не работиме, што не се собираме барем еднаш неделно на некои критични места и да зачистиме ѓубре? Како уметници секако имаме должност во градење на културолошки вредности, без разлика дали се уметнички, социјални, еколошки, сообраќајни…
Ако направиме некаква акција, може нешто ќе промениме во јавната свест, некој ќе сфати дека освен право на животна средина има и обврска кон истата. Некако ми дојде идејава, може е глупа, ама ако се јави некој колега расположен за вакво нешто, јас би се нафатила на драга волја, пишува во својот статус Арсовска.

На овој нејзин предлог за кусо време се јавија голем број колеги кои ја поддржаа нејзината идеја по што падна и договор, акцијата за чистење ќе започне во 10 часот. Актерите и уметници ги повикуваат сите што сакаат да им се придружат.

-На претходниот мој статус веќе реагираа неколку колеги/шки. Решивме да започнеме со акција за чистење утре. Се наоѓаме пред влезот на Клинички центар во 10часот.  Ќе има црни ќеси и ракавици, но за тие што сакаат да ни се придружат, нека земат нешто дополнително. Цел ни е како уметници да влијаеме во промената на свеста на граѓаните кои се однесуваат несовесно кон животната средина. Планираме акцијата да ја правиме еднаш неделно на различни локации за време на летниот период. Секој што сака да ни се придружи е добредојден, стои во новата објава на актерката.