Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора на Македонија велат дека со новите законски измени е подобрено нивното работење и е помеѓу најстрого регулираните во регионот. Со измените значително се намалија злоупотребата на лични податоци а заемите се одобруваат без скриени трошоци.
Каматните стапки се движат од нула до 36 проценти, при што максималните трошоци за брз кредит од 10.000 денари, дури и со задоцнување на отплатата, не надминуваат 20.000 денари, објаснува претседателот на Групацијата, Никола Јошевски.
Потпретседателката Биљана Мишиќ потенцира дека каматата навистина е нула во одредени случаи. Ова се однесува на модели на соработка со трговците – на пример, при купување телевизор од 10.000 денари, финансиското друштво го финансира трговецот, а купувачот го отплаќа производот без дополнителни трошоци.
Со новите регулаторни мерки, бројот на финансиски друштва се намали од 35 на 27, од кои 20 се членки на Групацијата. Измените во Законот за финансиски друштва од 2023 година ги поставија построги критериуми за нивно работење – оснивачкиот капитал се зголеми од 100.000 на 500.000 евра, а секое друштво мора да има вработени економист и правник.
Според Арлинда Муја, потпретседателка на Групацијата и регионален директор на „Тиго“ за Македонија и Албанија, македонската регулатива е најнапредна во Западен Балкан.
Новите процедури налагаат строга контрола на личните податоци, особено преку дигитални системи како „Евротраст“, каде што се користи технологија за препознавање на ликот и потврдување на идентитетот на корисникот. Оние финансиски друштва што сè уште не ја имплементирале оваа технологија, кредитите ги исплаќаат исклучиво на банкарска сметка на клиентот.
Иако овие друштва сè уште не се под надзор на Народната банка, експертите сметаат дека со растот на стандардот и развојот на финансиските услуги, оваа промена ќе стане неизбежна. Засега, нивното учество во финансискиот сектор изнесува 1,1 процент, со портфолио од 171 милион евра.