Ако планирате оваа година со автомобил да одите на одмор, ова мора да го знаете!

Доколку планирате патување во странство со автомобил, нема да ви бидат доволни пасошите и финансиските средства со резервациите. За тоа ќе бидат потребни повеќе документи, опрема и дозволи, во зависност од земјата.

Кога станува збор за балканските земји и останатите популарни дестинации за Македонците, речиси секаде важат генералните правила: забранета употреба на мобилен телефон при возење, минимално дозволено количество алкохол и соодветна опрема за возилото, стои на официјалната страница на АМСМ.

Доколку се патува со дете, имајте предвид дека во повеќето земји е потребно детско седиште за мали деца. Потоа, за македонските државјани кои патуваат во странство се потребни и зелен картон и меѓународна возачка дозвола.

Меѓународната возачка дозвола, како и зелениот картон и дозволата за управување на туѓо моторно возило се издава од правно лице овластено од Министерството за внатрешни работи, дознаваме од „Правдико". Меѓународната возачка дозвола има важност од три години и не се издава на лице кое е казнето.

Покрај меѓународната возачка дозвола, за патување надвор е задолжителен и зелениот картон, што претставува проширување на територијалното покритие на осигурувањето од автоодговорност и со него се покриваат потенцијалните штети доколку се причинети на трети лица со употреба на моторното возило. Важноста на зелениот картон одговара на периодот на валидноста на полисата за задолжително осигурување.