Ако патувате во Бугарија почитувајте ги законските ограничувања, или ќе добиете високи казни

Кога патувате во Бугарија подлежите на бугарските закони, кои имате обврска да ги почитувате. Непочитувањето на овие правила може да ве доведат во непријатна ситуација да платите високи казни, а во некои случаи и да завршите во затвор. Следувааат законските правила кои туристите мора да ги знаат при патување во оваа земја.

Транспорт

Доколку патувате со сопствено возило, погрижете се да ја поседувате целосната документација за вашето возило и тоа во оригинал или копија заверена со апостил печат. Прво и основно како и во нашата земја светлата на автомобилот треба да бидат постојано вклучени додека возите. Зимските гуми во зимскиот период се задолжителни, а како дополнителна опрема мора да имате противпожарен апарат, кутија за прва помош како и сигурносен триаголник. Користењето на мобилен телефон додека возите е строго забрането, освен ако е поврзано на hands-free уред.

Користењето на сигурносен појас во автомобилот е задолжително за сите патници, со исклучок на бремените жени. Децата под 10 години можат да се возат на предно седиште доколку се користи посебно седиште за деца.

Казните за возење под дејство на алкохол се многу строги. Дозволено количество на алкохол во крвта изнесува 0.50 промили. Постојат голем број на полициски контроли кои можат да ве казнат на лице место, па дури и да ви ја одземат возачката дозвола на одреден период.

За патување по автопат потребна е посебна дозвола таканаречена вигнета која може да се купи во поголемите бензиски пумпи.

Размена на пари

Доколку планирате да разменувате пари во Бугарија треба да бидете посебно претпазливи. Уличните дилери можат да ви нудат високи курсеви за размена но тоа се користи само да ги привлечат туристите и на крај да ги измамат. Размената вршете ја во банка или во овластени менувачници за да се заштитите од измами. Посебно внимание обрнете и при користење на банкоматите, поради опасноста од крадци на податоци кои преку разни уреди можат да ви ги украдат податоците од  кредитната картичка. Користете банкомати кои се наоѓаат во банките за поголема сигурност.

Ограничувања на граница

Кога влегувате во Бугарија,  преку граница можете да внесете: до 200 цигари или 50 пури, еден литар жестоко и 2 литри вино, 50г парфем или 100г тоалетна вода, како и разумен број на подароци.

Забрана за фотографирање

Забрането е фотографирање на воени објекти како и објекти на институции.  Исто така забрането е фотографирање на луѓе без нивна дозвола. Полицијата може да ве приведе на сослушување доколку не ги почитувате овие правила.

Носење пасош

Како турист во секој момент мора во вас да поседувате пасош за да сте во можност да се индентификувате при полициска контрола. Неносењето пасош може да резултира со приведување во полициска станица.

Доколку се најдете во ситуација да ве уапсат, ведаш побарајте од полициските службеници да ја известат македонската амбасада, и да ви овозможат контакт со вашите најблиски.