Ако недела е неработен ден, работодавачите најавуваат намалување на платите и бројот на вработени

Синдикалците шокирани од одлуката недела неработен ден да важи дури од идната година. Од медиумите дознале дека измените се одлагаат, се чувствуваат изиграни затоа што до последниот состанок мислеле дека се во последна фаза од преговорите. Бараат итна средба со министерката Шахпаска.

Попладнево објаснување за одложувањето испратија од кабинетот на вицепрмеиерот Битиќи. Од таму велат дека неработна недела е ералност, а тие што ќе работат ќе бидат екстра платени за тоа, но од 2022 година.

„Тоа значи дека буџетите на фирмите ќе претрпат измени, а за да не дојде до краткорочни промени во бројот на вработените поради зголемување на овие надоместоци кај работодавачите, сепак треба да се даде простор за реорганизација и планирање со стартен период од новата календарска година, т.е. 2022. Владата мора да ги земе предвид сите општествени фактори, како фактот дека во оваа календарска година се уште се справуваме со последиците предизвикани од Ковид кризата“, соопштија од кабинетот на Битиќи.

Регаираат и од ВМРО ДПМНЕ - џабе епските расправи за недела неработен ден, ова е уште едно фијаско на владата.

„Очигледно со ваквите теми владата се обидува да дефокусира од скандалите и неуспесите, а откако ќе купат месец или два, потоа го забораваат кажаното и преминуваат на нова лага. Еднаш тоа е помпезна, а неуспешна социјална реформа, друг пат е неуспешна даночна реформа, трет пат е неуспешна полициска акција, но шемата е таа, да покријат некој свој скандал или своја корупција“, стои во реакцијата на опозицијата.

Претходно, работодавачите излегоа со став дека проектот неработна недела ќе ги зголеми трошоците за работа што ќе влијае да се намали бројот на работници и да се намалат платите.

Пресметките на експертите од Фајнанс тинк пак покажаа дека од сите врабоени во приватнит сектор, со измени во законот само 6% ќе престанат да одат на работа во недела.