Исчезнувањето на 14-годишното девојче во центарот на Скопје и натаму тема број еден во јавноста. Новинарката Катарина Синадиновска со став на фејсбук даде свој осврт за овој случај и се она што тој го донесе во изминатото деноноќие.
- Со право граѓаните се вознемирени, со право се сомневаат веќе во деманти и институции, со право се прашуваат - ако безбедноста не е гарантирана среде Дебар Маало, тогаш каде е? - праша Синадиновска.
Ова е нејзината фејсбук објава во целост:
Пред само десетина дена имаше застрашувачки информации и сведоштва за обиди за грабнување на деца низ Скопје.
МВР ги демантираше, по што луѓето се смирија и овие “сведоштва” беа сфатени како многуте претходни лаги и дезинформации.
Потоа тука беше и мајката која излажа за нејзиното наводно исчезнато бебе на Клинички.
Но, како што обично бива во приказната со волкот ни се случи исчезнувањето на Вања.
Вистинско исчезнување, на вистинско девојче, среде бел ден, во срцето на главниот град.
Со право граѓаните се вознемирени, со право се сомневаат веќе во деманти и институции, со право се прашуваат - ако безбедноста не е гарантирана среде Дебар Маало тогаш каде е?
Затоа, неопходна е максимална и одговорна комуникација (во рамките се разбира на дозволеното од истрагата) со јавноста, а како што реков - медиумите мора целосно да се воздржат од шпекулации и неофицијални информации.
Војните во светот денес се водат на многу начини, државите се напаѓаат преку различни канали, меѓу другото и преку сеење страв.
Јавноста, граѓаните, медиумите, а пред сѐ институциите мора да се на нивото што вакви кризи го бараат.
Потребна е максимална професионалност, помош од сите стратешки партнери, но и посветеност во разоткривање на евентуални центри на напади и нивна евентуална поврзаност.
Оти, да се навратам на почетокот - пред само десетина дена таков некој центар лиферуваше море на дезинформации за комбе што кружи низ Скопје и киднапира деца.
Па се случи Вања.
Граѓаните мора да знаат дека ова било коинциденција. Не најава.
Дотогаш стравот им е оправдан.
Но, тој не смее да биде причина за нарушување на работата на надлежните преку производство или дистрибуција на нови лаги, без разлика дали наивно или многу добро организирано.
Малку повеќе свест кај сите!