Акцијата за бесплатно микрочипирање на миленичиња ќе трае до 31 март 2019 година

Во базата на податоци на Агенцијата за храна и ветеринарство досега се евидентирани 9.200 домашни миленици. Агенцијата ги потсетува сопствениците на миленици дека во тек е кампањата за микрочипирање на милениците – кучиња и мачки, за што Агенцијата обезбеди 100 илјади бесплатни микрочипови.

Донацијата на микрочиповите е еднократна, а кампањата се спроведува по принципот прв дојден, прв услужен и ќе трае до 31 март идната година, односно додека не се потрошат набавените бесплатни микрочипови.

„Апелираме до сопствениците на миленици од видот кучиња и мачки да ја искористат оваа можност, да ја исполнат својата законска обврска и да го идентификуваат својот миленик со микрочип. Кога ќе се потрошат бесплатните микрочипови, односно по истекот на предвидениот рок за реализација на оваа активност, сопствениците на домашни миленици за микрочипот ќе треба да платат по 800 денари“, велат од АХВ.

Кампањата за бесплатна идентификација на домашните миленици со микрочипови Агенцијата за храна и ветеринарство ја реализира во соработка со Ветеринарната комора на Македонија и ветеринарните друштва. Микрочипирањето е безбедно и безболно за милениците. Микрочипот содржи информации за сопственикот на миленикот, расата на кучето, полот, возраста и за тоа дали и кога е вакцинирано против болеста беснило.

Списокот на ветеринарните друштва со кои Агенцијата има склучено договор за реализација на оваа кампања е објавен на интернет-страницата на Агенцијата – www.fva.gov.mk. Сопствениците на миленици може да одберат кај кое ветеринарно друштво ќе го микрочипираат својот миленик.