Акција за чистење на Скопскиот аквадукт во Визбегово

По иницијатива на Здружение на индустриска зона Визбегово во Скопје се одржа акција за прочистување на Скопскиот аквадукт. Општина Бутел детално ја искоординира акцијата и истата беше подржана од Град Скопје, Комунална хигиена, Паркови и зеленило, претставници од Центар за заштита на културни споменици и бизнис заедницата.

„Во индустриската зона Визбегово има повеќе од 200 компании во кои работат над 5.000 лица. Имајќи ја предвид средината во која работиме сакаме да оствариме континуирана соработка со институциите и со останатите субјекти кои функционираат во овој реон за да преземеме чекор напред и да покажеме дека со заедничка работа може да се постигне успех. Сакаме овој вид на акции како чистењето на Скопскиот аквадукт да бидат поттик и на други зони за и тие да бидат општествено одговорни“, порача Тања Кроневска, член на здружението на индустриска зона Визбегово.

Скопскиот аквадукт е објект кој носел вода од изворот до целта што претставува одлична алегорија за компаниите кои функционираат во Визбегово, а тоа е дека тие еден ресурс го претвораат во продукт или услуга за крајните корисници.За акцијата компаниите од индустриската зона Визбегово обезбедија соодветна механизација за собирање на отпадот, како и лица кои ќе помогнат во чистење на Скопскиот аквадукт.