Акција за чистење на Градски парк

Еколошката младинска организација „Гоу Грин” и Меѓународниот Балкански Универзитет ќе ја организираат акцијата „Еко – патрола” по повод Денот на планетата Земја. Акцијата ќе се одржи утре, со почеток во 11 часот пред Школка (Градски парк).

Целта на акцијата е студентите од Меѓународниот Балкански Универзитет заедно со членовите на еколошката организија „Гоу Грин” да ги соберат отпадоците кои се неправилно фрлени во Градскиот парк.

„Еко патролата” ќе има за цел и да ги едуцира и опомени граѓаните кои несовесно ги фрлаат отпадоците низ Градскиот парк и да ги мотивира да се приклучат кон акцијата. Вкупно 60 млади луѓе ќе учествуваат во акцијата во Градскиот Парк. Младите сакаат да испратат дека отпадоците имаат свое место и истите не треба да се наоѓаат на тревата, патеките или покрај кејот на реката Вардар.

Акцијата е дел од глобалната мрежа за Денот на планетата Земја која што се одржува на 22 април насекаде во светот под мотото „Да ставиме крај на отпадот од пластика”.