Акција на ЈП „Комунална хигиена“ за чистење на универзитетскиот кампус

ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје денеска почна акција за чистење на кампусот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, чиј почеток го означија директорот Абдусамед Шабани, градоначалникот на општината Центар Саша Богдановиќ и директорката на Институтот за социолошки  и политичко-правни истражувања проф. д-р Бојана Наумовска.

Директорот Шабани посочи дека одлучиле да спроведат акции за чистење секаде каде што гледаат потреба од нивна интервенција и покрај фактот што чистењето на институциите не е обврска, ниту надлежност на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје.

-Во изминатиот период организиравме акции во повеќе образовни институции, беше исчистен дворот на студентскиот дом „Пелагонија“ и заводот за згрижување „Ранка Милановиќ“, а денеска сме на кампусот на УКИМ. Ќе продолжиме со нашите интервенции секаде каде што ќе наидеме на црни точки каде постојано се создаваат диви депонии, како резултат на неправилното одлагање на отпадот од страна на граѓаните, изјави Шабани.

Професорката Наумовска нагласи дека прашањето за неправилното одлагање на отпадот во Скопје е повеќедецениско и неговото решавање бара комплексен пристап.

-Потребни се научни истражувања за причините на несовесното однесување на граѓаните, но и казнени мерки, посочи Наумовска.

Градоначалникот Богдановиќ ја поздрави акцијата на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје и изрази надеж дека овие активности ќе резултираат со почиста животна околина.