Ај Кју ја завршија промотивната евровизиска турнеја – на 28 април заминуваат за Лисабон

Втора година по ред повеќе од дваесет делегации земаа учество на промотивниот евровизиски настан во Мадрид во организација на специјализираниот медиум eurovision-spain.com, а меѓу нив беше и македонската.

Повеќе од 17 години овој евровизиски веб портал е еден од водечките во Шпанија, кога станува збор за информирање, коментар и следење на најгледаното телевизиско шоу во Европа – Евровизија.

Во контекст на заложбите за придонес кон целиот евровизиски амбиент во Европа, тимот на eurovision-spain.com во 2017 година ја организираше и својата прва евровизиска забава, а одличните критики и позитивните реакции од публиката и делегациите направија годинава оваа забава да биде официјализирана и од ЕБУ.

Освен тоа што за евровизиските ѕвезди беше организирана прес-конференција и средба со медиумите, тие имаа прилика да продефилираат и на црвенот килим пред бројните обожаватели, а главен настан беше концертот во легендарната Сала Ла Ривиера, каде што и македонските претставници Ај Кју во живо ја претставија „Lost and found”.

На сето ова му претходеше и специјален концерт на кој настапија познати шпански изведувачи, како добредојде за еврвизиските делегации и уште една можност да се слави европската музика.

“Настапот во Мадрид беше кулминација на се она што се случуваше во рамки на нашата промотивна турнеја. Публиката во Мадрид беше фантастична, на наше големо задоволство и овде евровизиските фанови ја знаеја “Lost and found” напамет и ја пееја со нас во хор каде и да не сретнеа. Нема поголема радост за еден музичар од тоа!”, вели Бојан од Ај Кју.

Тој исто така додава дека иако се наближува фестивалот, сепак не се чувствува компетитивност меѓу учесниците, туку напротив сите уживаат во овие заеднички моменти кои за учесниците на Евровизија се бесценети и размислуваат како сето ова дружење да прерасне во една соработка и по Евровизија.

За Ај Кју ова беше и последен настан од промотивната. Следуваат завршните подготовки пред заминувањето на македонската евровизиска делегација за Лисабон на 28 април.