АХВ: Во Македонија нема Африканска свинска чума

Агенцијата за храна и ветеринарство го демантира известувањето пратено до собирачите на шумски производи, испратено од „Македонски шуми“ ПСШ Демир Капија во кое, како што велат од таму, неодговорно се тврди дека во Република Македонија е потврдена појавата на опасната заразна болест Африканска свинска чума кај диви свињи.

„Бараме од одговорното лице во ова јавно претпријатие кое ја дезинформира јавноста и непотребно внесе страв и паника кај граѓаните официјално да ја демантира ваквата дезинформација. Како одговорна институција ја информираме јавноста дека во Република Македонија во моментов нема појава на болеста Африканска чума кај свињите, ниту во фармите, ниту кај популацијата диви свињи“, велат од АХВ.

Од таму додаваат дека состојбата со болеста во соседството и во другите земји каде е потврдено нејзиното присуство од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство будно се следи на дневна основа и доколку има нејзина појава и кај нас, Агенцијата навремено ќе реагира и ќе ја информира јавноста.

„Апелираме до лицата кои собираат шумски производи, или други лица кои по било кој основ ќе најдат мрша од дива свиња, за тоа да го известат надлежниот официјален ветеринар од Агенцијата за храна и ветеринарство или најблиското ветеринарно друштво“, велат од АХВ.

Агенцијата информира дека со оглед на тоа што болеста е потврдена во соседна Бугарија, но и во други земји од Европа и регионот, на сила се решенијата за забрана за увоз од земјите каде е потврдено присуството на болеста. Донесено е и решение за воведување на безбедносни мерки во однос на болеста Африканска чума кај свињите со кое на сточарите кои одгледуваат свињи им се наложи преземање на безбедносни мерки на фармите.

За рано откривање, спречување и контрола на Африканска свинска чума во фармите и во природата и за подигнување на свеста за оваа болест, со поддршка на Организацијата за земјоделство и храна на Обединетите Нации – ФАО, Агенцијата за храна и ветеринарство во соработка со Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство од идната година ќе работи на реализација на проект за подигнување на свеста за болеста Африканска свинска чума кај ветеринарите, шумарските служби, свињарските фарми, фармерите и ловџиите.