АХВ утврди присуство на ГМО во производи на „Виталија“

Агенцијата за храна и ветеринарство пронашла два производа увезени со генетски модифицирани организми (ГМО). Едниот е кочански ориз, за кој се утврдува од каде потекнува семето, додека другиот производ се соини шницли на „Виталија“, увезени од Србија, објави на прес-конференција директорот на Агенцијата, Зоран Атанасов.

„Производите се наоѓаат под официјален надзор и се чека нивно уништување. Операторите се санкционирани со казна од 5 000 евра, додека одговорното лице во фирмите со казна од 1 700 евра“, изјави Атанасов.

За производите на „Виталија“, додава тој, се чека супер анализа, бидејќи операторот по закон може да побара дополнителни испитувања.

„Првата анализа докажа дека има присуство на генетски модифицирани организми. Но, по закон, операторот има право да побара супер анализа. Ги чекаме резултатите од истата“, посочи тој.

Директорот додава дека граѓаните не можат да препознаат која храна е со ГМО додека истото не биде декларирано на производот.

Според нашето законодавство, подвлече директорот, производството на ГМО-храна е забрането.

„Во светот се консумра и се произведува таква храна. Науката треба да го каже последниот збор колку е тоа штетно. Од нашиот закон за безбедност на храна беа избришани два члена кои порано дозволуваа прозводство на храна со ГМО, но тоа беше регулирано како да се стави во промет. Сега се избришани и ставени во мирување до влегување на Македонија во ЕУ“, појасни директорот на АХВ.

Тој на прес-конференцијата додаде и дека Агенцијата утврдила оти кај 5 оператори покрај декларацијата за говедско и свинско, во меленото месо имало и делови од живинско потекло. Тие се казнети со по 5 илјади евра.