АХВ со препораки против опасноста за пренесување на вирус од дивите птици

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги известува одгледувачите на живина, ветеринарните и ловните друштва да ги засилат сигурносните мерки на фармите и надзорот кај дивите птици поради опасноста од пренесување на вирусот на птичји грип во земјава преку преселните птици.

„Болеста е присутна кај домашните и дивите птици во Западна Русија и Северен Казахстан, каде во одредени области престојуваат неколку видови птици преселници, пред да се преселат во области каде презимуваат, а кои вклучуваат и делови од Европскиот континент“, oбјаснуваат од АХВ.

Од таму советуваат живината и другите птици да се држат на начин со кој ќе се ограничи нивното движење надвор од живеалиштата, а одгледувачите треба да внимававаат и да се спречи контакт на домашната живина со дивите птици.

„Од особена важност е да не се врши поење и хранење на живината во дворовите, за да не се привлече вниманието на дивите птици. Да се внимава во јатата да не се внесува живина со непознат здравствен статус, а до надлежното ветеринарно друштво или официјалните ветеринари да се пријави промената во здравствената состојба на живината или зголемената смртност. Забрането е хранење на живината и другите домашни животни, првенствено кучиња и мачки со остатоци од диви птици зошто секој остаток од нив се третира како потенцијален извор на Авијарна инфлуенца“, се нагласува во препораките.

Бидејќи станува збор за болест која најчесто се шири преку птиците преселници, кои се сметаат за нејзин резервоар, за да се намали ризикот од појава или нејзино пренесување во земјава, Агенцијата апелира до ветеринарните и ловните друштва да го засилат надзорот, со вадење на крв од живината и земање на брисови за навремено тестирање на мртви и болни диви птици.

„Се препорачува да се врши дезинфекција на превозните средства за живина и диви птици, јајца за ведење, производи и нус – производи од живина и мрши. Бидејќи дивите птици се главни преносители на болеста, ловџиите по враќање од лов треба задолжително темелно да се измијат пред да стапат во контакт со живината која ја одгледуваат, а облеката која ја носеле кога биле во лов да не се користи кога се работи на фармата“, порачуваат од АХВ.