АХВ потврди: Спорните соини шницли на „Виталија“ содржат ГМО

Дополнителната анализа на соините трошки и соините шницли на „Виталија“ потврдила присуство на ГМО, информира Агенцијата за храна и ветеринарство. Суперанализата била направена во референтна лабораторија во Европската Унија, а се спровела пи барање на операторот со храна.

„Увезената соја е по потекло од компанијата ‘Сојапротеин’ од Бечеј, Република Србија, а мострите беа земени во рамките на мониторинг-програмата за безбедност на храната, која ја реализира Агенцијата за храна и ветеринарство. Во Република Македонија производите соини шницли се увезени од операторот со храна ‘Виталија’, а дистрибуирани во прометот преку операторот со храна ‘Кам’ ДОО Скопје. Увозот на соините трошки е извршен од страна на операторот со храна ‘Сопродекс’, а во прометот исто така биле дистрибуирани преку операторот со храна ‘Кам’ ДОО Скопје“, соопштија од Агнецијата за храна и ветеринарство.

Како што соопшти вчера и директорот на Агенцијата, Зоран Атанасов, соините шницли и соините трошки во количина од 510 килограми, дел затекнат во магацин, дел повлечен од продажба, се наоѓаат под официјален надзор и деновиве ќе бидат нештетно уништени исто како и позитивната мостра ориз во количина од 550 килограми по потекло од Кочанско, произведена од увозен семенски материјал.