Ахмети: Ако Груби ја злоупотребил мојата доверба, треба да одговара

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, во гостување на РТВ21 во Приштина изјави дека лично побарал Артан Груби да се врати во Македонија и да се соочи со институциите доколку ја злоупотребил неговата доверба.

Ахмети вели дека Груби го уверувал дека работел чесно, а тоа, според него, било единственото уверување што го добил од поранешниот висок функционер. „Тој се заколна дека ќе работи чесно. И единствениот збор што ми го кажа беше: ‘Работев чесно’“, изјави Ахмети.

Сепак, лидерот на ДУИ порача дека доколку е утврдено дека Груби ја злоупотребил неговата доверба, мора да одговара.

„Му реков директно: ако си ја злоупотребил мојата доверба, одговарај за тоа“, рече Ахмети.

Тој додаде дека јавно побарал Груби да биде пуштен да излезе и да се соочи со постапката пред надлежните институции. Ахмети истакна дека очекува правда која ќе биде вистинска и неселективна, без разлика за кого станува збор.

Воедно, Ахмети изрази надеж дека Груби ќе биде ослободен од домашен притвор и дека постапката ќе продолжи во институциите, каде што, како што нагласи, треба да се утврди одговорноста доколку постои.