Aгенцијата за храна и ветеринарство обезбеди 100 илјади микрочипови за милениците

Од Aгенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) апелираат дека сопствениците на домашни миленици имаат можност до крајот на годинава да ја искористат можноста за бесплатно микрочипирање на своите миленици. За оваа намена АХВ набави 100 илјади микрочипови, како дел од активностите за спроведување на тригодишната стратегија за благосостојба на животните.

Од први април годинава сопствениците на домашни животни (кучиња и мачки) се должни да направат микрочипирање на своите миленици, а комуналните инспектори имаат право да ги казнуваат сопствениците што не му вградиле чип на својот миленик. Во информацискиот систем на Агенцијата за храна и ветеринарство, заклучно со 5 ноември годинава, евидентирани се 69.624 домашни миленици, од кои најмногу кучиња.

– Во соработка со општините, Агенцијата активно работи на решавање на проблемот со бездомните животни во земјава. До АХВ, локалните самоуправи досега доставиле 61 програма за контрола на популацијата бездомни кучиња, како нивна законска обврска. Од нив, одобрени се 37, а 24 се во фаза на корекции и доработка. Тринаесет прифатилишта за бездомни животни досега се одобрени од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, како дел од обврските на локалните самоуправи за воспоставување соодветен систем за контрола на популацијата бездомни кучиња. Од нив, на две им е зголемен капацитетот за прифаќање и третман на бездомни животни – информираат од АХВ.

Оттаму појаснуваат дека ветеринарните друштва наплатуваат само за аплицирањето на микрочипот, кое чини 200 денари.