АЕТСМ: Граѓаните потрошиле 709 милиони евра на онлајн купување во 2024 година, зголемување за 9,3 отсто

Вкупната вредност на онлајн трансакциите во 2024 година, реализирани кон домашни и странски е-трговци, како и од корисници на странски картички кон македонски е-трговци, достигна 43,629 милијарди денари, односно 709,4 милиони евра. Ова претставува зголемување од 9,3 отсто во однос на 2023 година.

Бројот на вкупните онлајн трансакции изнесува 21,6 милиони, што претставува раст од 11,4 отсто во споредба со претходната година, информираат од Асоцијацијата за е-трговија (АЕТСМ).

Според нивните податоци, просечната вредност на една онлајн трансакција во 2024 година изнесува приближно 33 евра, што е намалување за 0,7 евра во споредба со 2023 година.

Кон македонските е-трговци, од страна на домашни и странски даватели на платежни услуги, се реализирани 26,136 милијарди денари, или 425 милиони евра, што сочинува 60 отсто од вкупната вредност на онлајн трансакциите. Преостанатите 40 отсто од вкупната вредност на онлајн трансакциите, македонските граѓани ги реализирале во странство.

Во однос на структурата на бројот на онлајн трансакциите, според потеклото на картичката и местото на извршената трансакција кон македонските е-трговци, македонските и странските корисници на картички реализирале речиси 66 отсто од трансакциите, додека во странство македонските корисници реализирале 34 отсто од трансакциите.

Во 2024 година, според податоците на Народната банка, има вкупно 1.666 трговци со виртуелни продажни места, но активни се 1.312 е-продавници, што е зголемување за 15 во однос на претходната година. (Активно работење подразбира извршување на барем една трансакција на продажно место на трговецот во текот на календарската година за која се известува).

“Вредноста и бројот на онлајн трансакциите и во 2024 година бележи пораст. Минатата година ја одбележа и унапредувањето на понудата односно побогата понуда и примамливи промоции од домашните е-трговци, како и зголемување на понудата за домашните купувачи од интернационални е-трговци како Тему каде единствена платежна опција е плаќањето со картичка. Ефектите врз порастот останува да ги видиме преку податоците за првиот квартал годинава, а секако граѓаните ќе ги менуваат навиките и ова ќе влијае на вештините за онлајн купување кои што еволуираат”, изјави претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, Нина Ангеловска Станков.

Таа додаде: “Отворањето на интернационалната понуда, од друга страна уште повеќе го истакна главниот предизвик за домашните е-понудувачи односно предизвиците со доставата. Оваа година очекуваме овој придружен и клучен сектор да се унапредува како што расте онлајн купувањето и очекувањата на купувачите, како и плаќањата”.

Асоцијацијата за е-трговија и минатата година со своите активности придонесе за проширување и зајакнување на понудата во е-трговија, унапредување на дигиталните вештини, намалување на сивата економија и зајакнување на довербата во онлајн купувањето. “Преку активности како што е регистарот на е-трговци, беџот за верификувани е-трговци и информативно-едукативните кампањи за јавноста влијаеме на поголема информираност, свесност и само заштита на граѓаните со што придонесување и за унапредување на страната на побарувачката”, посочи Ангеловска Станков.

Асоцијацијата за е-трговија неодамна го унапреди регистарот на е-трговци, кој претставува единствен регистар на онлајн продажни места кој се обновува во соработка со петте банки кои нудат процесирање на е-трансакции. Регистарот содржи категоризација, што овозможува преглед на сите активни е-трговци и нивно пребарување.