Аеродром во паркот „Авион“ ќе го одбележи 13. роденден на општината со хуманитарна забава

Општина Аеродром следната сабота, 14 април, во паркот „Авион“ под мотото „Растеме со Аеродром“ ќе го одбележи 13. роденден на општината со хуманитарна забава.

Настанот ќе почне во 12 часот со настап на децата од детските градинки и основните училишта, а забавата ќе биде збогатена со присуство на кловнови и магионичар. Истовремено ликовните таленти од основните училишта ќе цртаат по повод роденденот, по што ќе биде избран најдобар цртеж, а Општината ќе додели награда и за најдобра поетска творба на учениците од одделенска настава на истата тема.

Од 15 часот на сцена ќе настапат младински бендови и хип-хоп групи. Во истиот период основците ќе можат да се дружат и заедно да спортуваат со кошаркарите од клубот МЗТ Скопје, а најдобриот стрелец во тројка ќе добие награда. Во пресрет на роденденот Општината организира и анкета за избор на најдобар угостителски објект.

Вечерниот и централен настан ќе почне од 19 часот со настап на квартет од МОБ, по што градоначалникот Златко Марин ќе додели награди и признаници на учесниците победници на натпреварите. Ќе настапат афирмирани музички групи и солисти од Општина Аеродром, а забавата ќе се заокружи со настап на Драган Б. Костиќ.

„Со цел да се поддржи развојот на социјалното претрпиемништво, во текот на целиот настан невладини организации и здруженија ќе имаат можност да изложуваат производи и да ја претстават својата работа пред јавноста. Дополнително, ќе бидат поставени кутии за донации на повеќе локации, а собраните средства ќе бидат донирани на социјално загрозените семејства на територијата на Општина Аеродром, во соработка со Црвен крст“, се вели во најавата за настанот.