Аеродром во хаос како Дебар маало - 500 дозволи за градба за 8 месеци!

Претседателот на ОК Аеродром на ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Митески обивни дека Златко Марин како продолжена рака на картелот штанца градежни дозволи на ангро, без да води сметка за зеленилото и животната средина.

-За период од 8 месеци, колку што е на власт Марин, издаде одобренија за градба за повеќе од 500 станбени единици. Повторувам, повеќе од 500 нови згради ќе никнат на територија на општина Аеродром со потпис на Златко Марин. Тоа се огромни нови површини на кои наместо зеленило ќе никнат бетонски зданија. Марин ја користи секоја можност за да ослободи простор за градба на нови станбени згради, а повеќегодишните дрвја и малите зелени површини се најчеста мета, изјави Митески.

Митески кажа дека во текот на вчерашниот ден, координирано, искористувајќи го невремето кое го зафати градот Скопје, граѓаните биле сведоци како повторно се сечат повеќегодишни дрва за изградба на нови станбени згради.

-Марин, кој ветуваше дека нема да се уништуваат зелени површини за сметка за  изградба на станбени згради, не само што не го испочитува тоа свое ветување, туку со амин на Шилегов удри по дрвјата при што се уништува зеленило за градежен квадрат повеќе. Во предизборната кампања Златко Марин, заедно со неговиот лидер Зоран Заев и членовите на СДСМ ветуваа живот и воздух во Аеродром. Живот во Аеродром дојде, но не за граѓаните туку за криминалниот картел. Ветуваа запирање на градењето, ревизија на ДУП-овите, преземање на мерки против загадувањето, ветуваа дека здравјето ќе биде пред профитот, ветуваа водење грижа за постојното зеленило. Ништо од ова што го ветија не го остварија. Сега наместо да се зафатите со решавање на реалните проблеми на аеродромци, да спроведете и реализирате бар еден од ветените проекти од пред избори, со сите сили сте насочени кон издавање на одобренија за градење и бетонирање на Аеродром, изјави Митески.

Тој кажа дека аеродромци ги препознаваат лагите, но не сакаат да ја трпат неспособноста на Марин до крајот на неговиот мандат мандат.

-До тогаш којзнае уште колку дрва ќе бидат исечени. Златко Марин нема план и визија за развој. Повеќе од јасно е дека на Аеродром му претстои се поголемо уништување. СДСМ покажа дека за нив профитот на поединци е секогаш пред интересот на граѓаните. Република Македонија не смее да чекори по патот на криминалот и корупцијата. Граѓаните заслужуваат подобро.