Аеродром викендов домаќин на Меѓународниот кошаркарски турнир „Драган Василов – Цевка“

На иницијатива на Општина Аеродром, претстојниот викенд во СЦ „Јане Сандански” ќе се одржи Меморијален кошаркарски турнир „Драган Василов – Цевка”. На турнирот кој се игра во чест на човекот кој целиот свој живот го посвети на кошарката и работа со млади категории, ќе настапат осум екипи составени од кошаркари до 16 години.

Покрај македонските МЗТ Скопје Аеродром и Вардар, своето учество го потврдија Црвена ѕвезда и Реал Гуровиќ Академија од Србија, Академик Пловдив од Бугарија, Слован Љубљана од Словенија, Шопрон од Унгарија и Клуж од Романија.

Општина Аеродром за организација на овој турнир од својот буџет одвои два милиона денари.

Турнирот доби поддршка и од Кошаркарската федерација на Северна Македонија.

– Чест и задоволство ми е што Кошаркарската федерација на Македонија е дел од овој турнир. Ние ќе ги обезбедиме службените лица и стрим од натпреварите. Се надевам дека турнирот ќе стане традиционален, затоа што Драган Василов – Цевка заслужува и многу повеќе. Но и ова е само почеток, рече Перо Антиќ, претседателот на КФСМ.

На денешната прес-конефернција учествуваше и првиот човек на Олимпискиот комитет на Северна Македонија, Даниел Димевски.

– Респектабилен е составот на клубовите кои доаѓаат на овој турнир. Цевка заслужи ваков турнир. И генерацијата е одбрана, бидејќи тој работеше со младите. Сите кои ја сакаат кошарката ќе имаат убава можност да уживаат во некои нови идни ѕвезди, а ние уште еднаш, заедно со семејството да се потсетиме на големото дело на Цевка.

Од името на семејството, за организацијата на турнирот се заблагодари синот на Драган, Горан Василов.

-Овој турнир е доказ дека вредностите се вечни и се почитуваат. Дека се ценат личностите кои придонеле секој на свој начин за развој во струката во која работи. Така и приказната за мојот татко кој произведе низа квалитетни играчи и генерации кои го носеа националниот дрес на чии успеси и ден-денес сме горди, истакна Горан Василов.

Свеченото отворање е на 9 септември во 19 часот по што ќе има натпревар во забивање, а од петок до недела се натпреварите. Во салата ќе може да присуствуваат 30 отсто од капацитет на гледачи со ПЦР или Ковид-сертификат.