Аеродром со еден милион денари ќе даде поддршка за „Гола месечина“

Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, и в.д. директорот на „Театар комедија“, Сашо Ристовски, денеска во просториите на театарот потпишаа договор за спонзорство на Меѓународниот летен фестивал на комедијата „Гола месечина“, кој годинава во јуни ќе се одржи по петтипат.

Аеродром за организирање на овој фестивал што се одржува на отворено ќе додели финансиски средства во износ од еден милион денари, а исто така и логистички ќе ја поддржи манифестацијата.

„Сметаме дека ‘Гола месечина’ ќе придонесе за збогатување на културниот живот во општината и ќе ги анимира граѓаните во текот на летниот период“, велат од Општината.

Раководството на „Театар комедија“ заедно со членовите на Комисијата на „Гола месечина“ од први до 15 април ќе ги селектира домашните и странските комедии, кои ќе влезат во потесен избор за репертоарот на годинешната манифестација, по што јавно ќе биде објавена програмата.