Аеродром се збратими со Општина Палилула од Ниш

Градоначалниците на Општина Аеродром и на Градската општина Палилула од Ниш, Златко Марин и Братислав Вучковиќ, денеска, на 16-тиот роденден на Аеродром потпишаа Повелба за заедничко пријателство меѓу двете општини во присуство на градоначалничката на Ниш, Драгана Сотировски, која ја предводеше српската делегација.

„Со големо задоволство можам да кажам дека денеска ја официјализиравме соработката што неодамна ја почнавме со нашата пријателска општина Палилула. На тој начин отворивме нови можности за развој на европскиот пат“, изјави градоначалникот Марин.

Збратимувањето го поздрави и неговиот колега од Палилула, градоначалникот Вучковиќ, кој рече дека „првите соседи треба да соработуваат, особено на планот на решавање на еколошките проблеми, да разменуваат искуства во работењето на владите за да се постигне европската агенда и особено при аплицирање во европските фондови“.

Двајцата градоначалници посочија дека е заеднички интерес да се поттикнува и индивидуалната свест и добрата волја што ќе помогне да се развиваат културните, пријателските и економските врски.

Српската делегација, во чиј состав имаше и претставници на македонското малцинство, исто така оствари и средба со дел од членовите на Српскиот културно-информативен центар „Спона“ од Скопје, на која стана збор за соработката меѓу културните центри од Скопје и Ниш и за можните идни проекти. Притоа беше предложено децата што го изучуваат српскиот јазик како изборен предмет на училиште да ги посетат своите врсници во Палилула и Ниш.